понеделник, август 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Николоски: Првите 30 електрични автобуси ги очекуваме во декември или јануари, а...

Николоски: Првите 30 електрични автобуси ги очекуваме во декември или јануари, а во првиот квартал на 2027 ќе го завршиме автопатот Охрид – Кичево

0
Фото:принтскрин, видео ФБ

Првите 30 од вкупно 150 електрични автобуси се очекува да пристигнат во земјава во декември или јануари, а целата набавка да биде реализирана во рок од година и половина, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Процесот на жалби е завршен, откако Второстепената комисија за жалби по јавни набавки денеска ја отфрли единствената поднесена жалба. Следува потпишување на договорот со избраниот понудувач.

Според Николоски, по потпишувањето на договорот првите 30 автобуси треба да бидат испорачани во рок од шест месеци, следните 60 во рок од 12 месеци, а последните 60 во рок од 18 месеци.

Во однос на железничкиот Коридор 8, Николоски очекува интензивни градежни активности на третата фаза од делницата Крива Паланка – бугарската граница од почетокот на следната година. Доколку работите во Северна Македонија и Бугарија се одвиваат според планираната динамика, железничкото поврзување од Скопје преку Софија до Варна и Бургас би можело да биде завршено до 2032 година.

За автопатот Охрид–Кичево, министерот најави завршување на градежните работи во првиот квартал од 2027 година, при што точниот рок ќе зависи од временските услови во текот на зимата.

Николоски информираше и дека од 1 септември треба да започне сообраќањето на Градскиот воз. Во тек е координација меѓу Министерството за транспорт, Железница, Град Скопје и ЈСП за утврдување на возните редови, со посебно внимание на потребите на средношколците и студентите.

Градежните работи на линијата се во финална фаза, а техничкиот прием треба да се изврши до 21 август. Возот ќе сообраќа на релација Зелениково – Драчево – Лисиче – Аеродром – Кисела Вода – Железничка станица.

Николоски се осврна и на кражбата во електровлечната потстаница Драчево, при што штетата ја процени на меѓу три и пет милиони евра. Случајот го истражува МВР, а се проверуваат и отпадите за железо и други метали.

ИЗДВОЕНИ