Хакери ја покачија температурата на голем број фрижидери во француските супермаркети до 50 степени Целзиусови преку ноќ, предизвикувајќи пожари и губење на храна во стотици продавници низ целата земја во голем кибернапад.
Канцеларијата на парискиот обвинител соопшти дека нападот од „големи размери“ погодил „поврзани фрижидери во неколку големи малопродажни синџири за храна низ Франција“, велејќи дека ефектите вклучуваат „губење на храна и пожари“.
Во меѓувреме, премиерот Себастијан Лекорну ѝ нареди на француската Национална агенција за кибербезбедност (ANSSI) да спроведе истрага, изјави официјален претставник од неговата канцеларија.
Тој рече дека Франција „се координира со своите европски партнери, бидејќи други земји би можеле да бидат погодени“, додека истражува и дали други француски компании се изложени на ризик.
„Лес Мускетеир“, кој е сопственик на малопродажниот синџир „Интермарш“, изјави дека околу 150 од неговите продавници биле погодени од нападот, при што фрижидерите биле загревани на 50 степени Целзиусови шест часа.
Компанијата ја фрлила целата храна за да избегне какви било здравствени ризици, изјави портпаролот. Доминик Шелшер, извршен директор на малопродажниот синџир „У“ исто така рече дека и неговиот супермаркет бил погоден.
„Напад врз опрема што е неопходна за зачувување на свежи производи и снабдување со храна на француското население е исклучително сериозен и невиден инцидент“, напиша тој на социјалната мрежа X.
„Карфур“ соопшти дека 80 од неговите супермаркети биле погодени, но дека огромното мнозинство од неговите 6.000 продавници не биле погодени.
Неколку други синџири на супермаркети, вклучувајќи ги „Моноприкс“, „Е.Леклерк“ и „Ошан“, не одговорија на барањата за коментар.












