Додека по дипломатски пат се договараше бугарски лекари да дојдат во Македонија за да ја проценат нејзината здравствена состојба, обвинетата за сообраќајна несреќа со смртни последици, Ива Михаилова, избега во Бугарија. Таа тврди дека границата ја поминала легално, со лична карта, но македонското МВР соопшти дека во системот нема податок за нејзино напуштање на земјата, а Судот поради судската постапка и ги одзеде сите лични документи
Кочанчанката Ива Михаилова, со двојно државјанство, македонско и бугарско, на која ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици, ја напушти Македонија и замина во Бугарија без дозвола од судот, иако за неа важат мерки за обезбедување – одземени ѝ се личните документи. Нејзиното заминување од Македонија беше еуфорично пречекано од националните медиуми и политички чинители во Бугарија. Но, во македонската јавност предизвика реакции и легитимни прашања за тоа како ја преминала државната граница, дали на „див“ премин или, пак, станува збор за „помош“ од пред граничната рампа?
Министерството за внатрешни работи, одговарајќи на медиумските прашања како Михаилова ја поминала границата, соопшти дека според проверките на системот за гранична контрола, таа поминала илегално.
„Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на МВР, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија. Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија, соопшти МВР.
Михаилова била на стоп-листа поради судските мерки, па отсуството на евидентиран излез бара дополнително објаснување од институциите. Од Обвинителството велат дека ги презеле сите мерки за нејзино обезбедување пред лицето на правдата.
„На обвинетата, по предлог на јавен обвинител, уште од 09.10.2025 година ѝ беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), и беше изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои Обвинителството повеќепати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа“, соопштија од ОЈО.
Одлуката да ја напушти земјава, според нејзините изјави на бугарските медиуми, била донесена во консултација со адвокатот од Бугарија, Николај Димитров. За потсетување, нејзиниот татко, Симеон Михаилов, избега на сличен начин од земјава, избегнувајќи ја затворската казна по пресудата за тешки кривични дела, вклучувајќи и обид за убиство.
Адвокатот Насер Рауфи, кој ја брани во судскиот процес во Кочани, за весникот ВЕЧЕР вели дека бил затечен од одлуката, иако подготвувал ново барање од Судот за лекување во Бугарија.
„И јас сум затечен. Бев известен дека ја поминала границата, дозвола нема од Судот, само што сакавме да поднесеме ново барање бидејќи имаше најава од МНР дека ќе дошле лекари од Бугарија да ја прегледаат. Сега судењето би требало да продолжи во нејзино отсуство, на ред е нашиот вештак од областа на сообраќајот да сведочи во полза на одбраната, дека Ива немало потреба да оди на лентата за која се води спорот. Претпоставувам дека одлуката ја донела со адвокатот од Бугарија“, вели адвокат Насер Рауфи за весникот ВЕЧЕР.
Во изјави за бугарските медиуми, Михаилова тврди дека ја преминала границата со личните документи и дека немало ништо незаконско во нејзиното заминување. Таа вели дека здравствената состојба ѝ се влошила и дека со адвокатот одлучиле да се врати во Бугарија, каде што треба да продолжи со лекување.
„Ја преминав границата со мојот адвокат. Моето здравје се влоши, тој ме зеде и се вративме во Бугарија без никакви проблеми. На границата ја покажав мојата македонска лична карта. Се чувствувам безбедно во Бугарија“, изјави таа за БТВ. Во изјава за Бугарската национална телевизија, Михаилова повтори дека ги предала документите на проверка и дека граничната полиција ги пуштила. Таа најави дека треба да биде примена во болницата „Пирогов“ во Софија, каде што ќе ѝ бидат направени испитувања, а потоа ќе следува рехабилитација.
Нејзиниот бугарски адвокат, Николај Димитров, изјави дека, на македонскиот премин, таа ја покажала македонската лична карта, а на бугарскиот – бугарските документи. Тој одби да открие на кој граничен премин поминале, наведувајќи дека не сака да им создава проблеми на луѓето кои, според него, им помогнале. Притоа, признал дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките определени од македонскиот суд, но тврди дека водечки принцип била потребата од лекување. На прашањето дали ќе се врати во Македонија за продолжението на судењето, Михаилова одговорила дека постапката ќе продолжи со или без неа и дека допрва ќе се види што ќе се случи.
ДС: ИТНА ИСТРАГА ЗА БЕГСТВОТО И ОДГОВОРНОСТ ЗА СИТЕ ПОМАГАЧИ
Демократскиот сојуз побара итна истрага, утврдување на институционалните пропусти и кривична одговорност за сите за кои ќе се утврди дека го организирале или овозможиле нејзиното заминување. Од партијата бараат МВР, Царинската управа и Јавното обвинителство да утврдат како обвинетата успеала да ја напушти државата и покрај мерките за ограничување на движењето и одземените македонски и бугарски пасоши, како и дали во тоа учествувале или потфрлиле полициски и царински службеници.
„Особено загрижува што бегството се случило во моментот кога беше прифатена можноста нејзината здравствена состојба да биде проценета и од бугарски лекари. Ова отвора сомнежи дали целта била да се избегне независна медицинска процена, која можеше да даде одговор на прашањето дали нејзината состојба навистина била животозагрозувачка и дали претходните судски одлуки биле оправдани. Мора да се испита и улогата на адвокатот, вклучително и неговите наводи за постоење помагачи, како и да се утврди како Михајлова успеала да побегне и покрај мерките за ограничување на движењето и одземените бугарски и македонски пасоши“, побараа од партијата на Павле Трајанов.
МНР: ПРИЕМОТ НА МИХАЈЛОВА НА ВИСОКО НИВО ВО СОФИЈА ЈА ПОДРИВА ДОВЕРБАТА МЕЃУ ДВЕТЕ ДРЖАВИ
Судскиот случај со Михаилова одамна меѓународно се експлоатира од бугарските власти. Таа јавно се декларира со бугарска национална самосвест, во изјавите за бугарските медиуми тврди дека во Македонија била репресирана поради своето бугарско потекло и дека тоа било една од причините поради кои била обвинета. Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова за бугарските медиуми изјавила дека ќе го почека заклучокот од лекарите од софиската клиника „Пирогов“за состојбата на 23-годишната Михаилова.
„Да видиме каква е нејзината состојба, да ги преземеме овие итни мерки на кои инсистираме толку месеци, и тоа не само тука, во Бугарија, пред сите меѓународни институции“, изјавила Јотова за новинарите на БГНЕС и најавила дека околностите околу нејзиното пристигнување сè уште треба да се разјаснат. Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова, од Луксембург изјави дека бугарското МНР не било вклучено на ниту еден начин во заминувањето на Ива Михаилова од Македонија во Бугарија.
„Сведоци сме на ситуација во која, по еден хуманитарен случај што не наиде на реакција во Република Северна Македонија, се посегна по очајнички мерки. Знаете дека го поведовме прашањето на највисоко ниво. МНР, како и премиерот и претседателот, сите го поведоа прашањето за потребата таа да добие пристап до медицински третман. Ги видовте неодамнешните случувања во врска со согласноста на македонската страна да се дозволи таа да биде прегледана од бугарски лекар во рамките на Република Северна Македонија“, рече Петрова-Чамова.
Македонското МНР реагираше на бегството на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, оценувајќи дека ваквото постапување на бугарските државни институции ги поткопува напорите за градење доверба и е спротивно на заложбите за добрососедски односи.
„Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака“, наведува македонското МНР, нагласувајќи дека националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да бидат заштита од одговорност пред надлежните институции.
„Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите. Од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи: почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот“, се наведува во реакцијата. Од Министерството оценуваат дека постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со европските принципи и дека владеењето на правото не смее да зависи од националната припадност на поединецот.
МНР најави дека за развојот на случајот ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Според Министерството, случајот отвора сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности и директно ја нарушува довербата меѓу двете држави.
„Остануваме посветени на развојот на добрососедските односи, засновани врз меѓусебно почитување, доверба и европски принципи. Истата одговорност ја очекуваме и од бугарската страна. Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска“, порачуваат од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Следното судење на Михаилова, која е обвинета за тешки дела во сообраќајот, е закажано за 9 ноември. Едно е сигурно, таа нема да седне на обвинителната клупа. (П. А.)












