Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес му рече на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ако Украина сака да добие заем од ЕУ, мора повторно да го отвори нафтоводот „Дружба“.
Орбан повторно му се заканува на Зеленски
– Ако нема нафта, нема ни пари – рече Орбан во видео на Фејсбук.
Тој изјави дека штотуку разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и словачкиот премиер Роберт Фицо во врска со блокадата на руската нафта од страна на Украина, и дека ставот на Унгарија за ова прашање останува непроменет.
Унгарскиот премиер истакна дека Украина минатата недела ги отфрлила експертските разговори и дека, како што изјави, „отворено признава“ дека нема да дозволи евтината руска нафта да стигне до Унгарија.
– Ми се чини дека ја користат целата нафтена блокада за да влијаат на унгарските избори во поддршка на (опозициската) партија Тиса – заклучи Орбан.
Украина ја прифати понудата на Европската Унија за техничка поддршка и финансирање за враќање на протокот на нафта во Унгарија и Словачка преку оштетениот нафтовод Дружба, според заедничката изјава објавена денес од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антони Коста.
Коста и Фон дер Лајен му пишаа на Киев
Во соопштението се вели дека по руските напади врз нафтоводот „Дружба“ на 27 јануари, кои го прекинаа снабдувањето со сурова нафта за Унгарија и Словачка, тимовите на ЕУ се вклучија во интензивни разговори со земјите-членки и Украина на сите нивоа за да се поправи и обнови протокот на нафта до Унгарија и Словачка.
– Зеленски е информиран дека Унгарија експлицитно ја информирала ЕУ дека во моментов не е во можност да се согласи со предложената ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка, која е основа за заемот од 90 милијарди долари за поддршка на Украина, ниту да го усвои 20-тиот пакет економски санкции против Русија, за што е потребна едногласност на Унијата.
Во писмото, Коста и фон дер Лајен потсетуваат дека ЕУ во моментов презема чекори на законодавно ниво за да обезбеди постепено елиминирање на преостанатиот увоз на нафта од Руската Федерација до крајот на 2027 година, во согласност со Акциониот план RepowerEU.
Писмо на Зеленски
Зеленски во писмо до Коста и фон дер Лајен наведува дека работите за поправка на нафтоводот се при крај и дека се очекува пумпната станица да биде обновена за месец и половина, освен ако, како што рече, нема нови руски напади.
– Тврдењата дека Украина намерно го попречува транспортот на нафта преку нафтоводот Дружба се неосновани – напиша Зеленски во писмото.
Унгарија во понеделник изјави дека ќе продолжи да го блокира заемот од 90 милијарди евра за Украина и новите санкции кон Русија сè додека протокот на нафта низ нафтоводот „Дружба“ е суспендиран.
Протокот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија и Словачка е суспендиран од крајот на јануари.
Киев соопшти дека Русија погодила опрема на нафтоводот „Дружба“ во западна Украина, додека Словачка и Унгарија велат дека Украина е виновна за продолженото прекинување на снабдувањето со нафта.












