Грипот е најзаразната од сите заразни болести што ги преболел речиси секој човек барем еднаш во животот. Сезоната на грип почнува уште во октомври, врвот го достигнува помеѓу декември и јануари, а завршува во април. Иако одзема неколку стотици илјади животи секоја година во светот, многумина не го сфаќаат грипот сериозно. Причината за ова е што кај повеќето луѓе тој се манифестира со симптоми што често се слични на обична настинка, па затоа се игнорира фактот дека може да има многу сериозни, опасни последици за животот. Секоја година, преку медиумите, лекарите предупредуваат за опасноста од грип и укажуваат на потребата и на важноста на вакцинацијата, но сè уште има многумина што се сомневаат во нејзината ефикасност. Току затоа, на почетокот на годинашната сезона на грип, разговаравме за весникот ВЕЧЕР со нашиот познат епидемиолог и раководител на подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија

– Докторе, сезоната на грип е пред нас, дали веќе треба да се подготвуваме за неа?
Со доаѓањето на есента, повторно се отвора прашањето што нè очекува со сезонскиот грип. Во моментов нема причина за паника, но има многу добра причина за навремена подготовка. Грипот не започнува кога ќе го достигне својот зимски врв – сезоната се подготвува уште во есенските месеци. Искуството од минатата сезона е особено интересно. Во Република Северна Македонија, сезоната 2025/2026 покажа порано зголемување на активноста и порано достигнување на врвот од она што го очекуваше моделот на сезонската динамика. Најголем број пријавени случаи беа регистрирани во втората пријавна недела од 2026 година – 2.322 случаи. Потоа следуваше постепено намалување на активноста. Тоа ни покажува дека може грипот да се развива брзо и дека не треба календарот да биде единствениот ориентир за процена на сезоната.
Минатата сезона ни даде важна лекција. Она што треба да се спомене е раното и нагло зголемување на бројот на случаи на почетокот од 2026 година. Реалната крива го достигна својот врв порано од моделски очекуваното, а потоа следуваше постепено опаѓање. Ова е важна порака и за претстојната сезона: не треба да го чекаме јануари за да почнеме да размислуваме за грипот.
– Што можеме да очекуваме оваа сезона?
Во октомври, најверојатно, ќе гледаме постепено зголемување на респираторните инфекции, со можни спорадични случаи на инфлуенца. Во текот на ноември и на декември, активноста може постепено да се засилува, додека најголемиот притисок врз амбулантите и врз болниците најчесто се очекува во зимските месеци. Сепак, не може однапред да се утврди точната недела кога ќе биде достигнат врвот. Минатата сезона го покажа токму тоа. Затоа наместо да зборуваме за фиксен „датум на пикот“, многу поважно е да ги следиме индикаторите што ќе ни кажат дека навистина почнува да се забрзува сезоната: бројот на заболени, процентот на позитивни лабораториски примероци, возраста на заболените, хоспитализациите и особено бројот на пациенти со тешка акутна респираторна инфекција. Паралелно со грипот, ќе продолжи и циркулацијата на други респираторни вируси, особено на RSV и SARS-CoV-2. Затоа не треба да се гледа зимското оптоварување на здравствениот систем само низ бројот на заболени од инфлуенца.
– Кои вируси ќе бидат следени од епидемиолозите оваа сезона?
И оваа сезона особено внимание ќе им биде посветено на A(H3N2), A(H1N1)pdm09 и на инфлуенца B. Но, кој од нив ќе доминира во Македонија, не може однапред сигурно да се каже. Тоа ќе го покаже лабораторискиот надзор во текот на сезоната. Светската здравствена организација за северната хемисфера препорача за сезоната 2026/2027 нов состав на вакцините, со компоненти слични на A/Missouri/11/2025 за A(H1N1)pdm09, A/Darwin/1454/2025 за A(H3N2) и B/Tokyo/EIS13-175/2025 за B/Victoria кај јајчените вакцини. За клеточните, рекомбинантните вакцини или за вакцините базирани на нуклеински киселини се препорачани соодветните A/Missouri/11/2025, A/Darwin/1415/2025 и B/Pennsylvania/14/2025 компоненти. Промената на составот не е нешто необично. Вирусите на инфлуенца постојано се менуваат, па затоа СЗО двапати годишно ги анализира глобалните податоци и дава препораки за составот на вакцините за следната сезона.
– Дали и понатаму останува вакцинацијата најважниот чекор пред сезоната?
Токму сега е периодот кога треба да размислуваме за вакцинацијата против сезонски грип. Вакцинацијата не значи дека никогаш нема да се зарази човек, но претставува една од најважните мерки за намалување на ризикот од грип и особено од тешки последици кај лицата со зголемен ризик. Особено внимание треба да посветат постарите лица, лицата со хронични заболувања, бремените жени, малите деца во ризичните групи, здравствените работници и лицата што живеат или работат во услови каде што има поголема можност за пренос на инфекцијата. Вакцинацијата е најкорисна кога се спроведува пред интензивната циркулација на вирусот, бидејќи на организмот му треба време да изгради имунолошки одговор. Важно е да се знае и дека составот на вакцината секоја сезона може да биде променет токму поради еволуцијата на вирусите. Тоа не е слабост на вакцината, туку дел од начинот на кој се приспособува заштитата кон вирусите што циркулираат.
– А што може да направат самите граѓани за најдобро да се заштитат од грипот?
Најдобрата заштита почнува пред да се појави големиот бран. Ако сте во ризична група, разговарајте со вашиот матичен лекар за вакцинација против сезонски грип и направете ја навреме. Ако се разболите, останете дома и избегнувајте непотребни контакти со постарите лица, хронично болните, бремените жени и со малите деца. Проветрувањето на затворените простории, хигиената на рацете и правилното покривање на устата и на носот при кашлање и кивање се едноставни мерки, но имаат свое место во намалувањето на преносот. И уште една важна порака: антибиотиците не го лекуваат грипот, бидејќи грипот е вирусна инфекција. Нивната употреба треба да биде само кога ќе процени лекарот дека постои бактериска инфекција или друга медицинска индикација. Кај појавата на тешки симптоми, особено отежнато дишење, болка или притисок во градите, изразена слабост, нарушена свест или влошување на состојбата кај лице од ризична група, потребно е навремено да се побара медицинска помош.
– Знаеме ли уште отсега каква сезона на грип нè очекува овие есен и зима?
Сезонскиот грип ќе биде присутен и оваа зима. Прашањето не е дали ќе циркулира вирусот, туку кога ќе се засили неговата циркулација, кои вируси ќе доминираат и колкав ќе биде притисокот врз населението и врз здравствениот систем. Минатата сезона покажа дека може брзо да се промени епидемиолошката слика. Затоа најдобра стратегија е да не го потценуваме грипот, но и да не создаваме непотребен страв и паника. Октомври е месец за подготовка. Зимата е период за внимателно следење. А, вакцинацијата е една од најважните превентивни мерки што ги имаме на располагање. Да ја дочекаме сезоната информирани, одговорни и подготвени, а не исплашени.
(Љ.A.)












