Шон Кемп, некогаш страв и трепет за противниците во НБА, денес повторно е во центарот на вниманието, но поради сосема поинаква причина. Легендарниот кошаркар на Сиетл Суперсоникс, кој во кариерата заработи околу 90 милиони долари, речиси останал без целото богатство поради лоши финансиски одлуки, правни проблеми и неуспешни бизнис-потези.
Кемп беше дел од една од најмоќните генерации на Сиетл, а заедно со Гари Пејтон го формираше легендарното дуо „Соник бум“, кое доминираше во 90-тите. Нивниот врв беше сезоната 1995/96, кога стигнаа до големото НБА финале, но таму беа запрени од легендарните Чикаго Булс на Мајкл Џордан.
Иако важеше за еден од најдоминантните крилни центри на својата ера, неговата кариера по заминувањето од Сиетл почна да оди во надолна линија. Проблемите со формата, вишокот килограми и турбулентниот приватен живот оставија сериозни последици врз неговата кариера и финансии.
И покрај огромната заработка од договори и спонзорства, до пред неколку години неговото богатство се стопило на само неколку милиони долари. Дополнителен удар беа пропаднатите инвестиции, меѓу кои и спортски бар во Сиетл кој беше затворен.
Но, Кемп не се откажал. Денес влегува во сосема нова индустрија – легалниот канабис. Отвори две продавници под своето име и верува дека овој бизнис може да му донесе нова финансиска стабилност.
Тој дури тврди дека производите од канабис имаат реална примена за спортистите, особено во закрепнување, намалување на болка и опоравување на мускулите, нешто што, според него, би било корисно и во неговата играчка ера.
Од НБА финалиња, дуели со Џордан и милионски договори, до речиси целосен финансиски колапс и нов почеток во бизнис – животот на Шон Кемп е приказна за пад, грешки, но и обид за враќање. Легендата на Соникс сега игра поинаков натпревар, овојпат надвор од паркетот.











