Британската полиција уапси маж под сомнение за нарушување на јавниот ред и поседување оружје во близина на домот на Ендру Маунтбатен-Виндзор во Норфолк, јавува Би-Би-Си.
Инцидентот се случил околу 19:30 часот во среда во селото Волвертон, кое е во близина на кралскиот имот Сандрингам. Според полициските извештаи, надлежните служби добиле повик за вознемирувачко и застрашувачко однесување на непознато лице.
Според британски Телеграф, маж кој носел фантомка наводно се стрчал кон поранешниот принц додека бил на рутинска прошетка со своите кучиња. Маунтбатен-Виндзор и член на неговото приватно обезбедување успеале брзо да реагираат, да влезат во автомобил и да се оддалечат од местото на настанот, додека осомничениот наводно се обидел да трча по возилото.
Полицијата во Норфолк потврди дека осомничениот е однесен во станицата Кингс Лин на испрашување, каде што останува во притвор.
Драмата се случила во близина на Марш Фарм, имотот Сандрингам каде што Маунтбатен-Виндзор се преселил откако ја напуштил Кралската ложа во Виндзор.
Тој се повлече од јавниот живот и кралските должности поради неговата контроверзна поврзаност со покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Барање за коментар за инцидентот беше испратено до канцеларијата на Маунтбатен-Виндзор, но сè уште нема официјална изјава.












