Кога Бостон Селтикс мислеа дека „удриле на лотарија“, судбината им го подготви најсуровиот можен пресврт. Тоа беше денот кога спортот ја изгуби својата „невиност“. Денот кога падна илузијата дека спортистите се нешто повеќе од луѓе. Зад ПР-приказните и блесокот, се појави суровата вистина – човекот, со сите свои слабости.
Приказната за Лен Бијас и денес предизвикува морници. Не само поради трагедијата, туку и поради сè што можеше да биде.
Ѕвездата на Мериленд Терапинс беше избрана како втор пик на НБА драфтот во 1986 година – предодреден за голема кариера во легендарниот тим од Бостон.
Само два дена подоцна – тој беше мртов. Официјалниот извештај утврди: интоксикација со кокаин што предизвикала срцев удар. Шок за Америка. Здрав, силен, талентиран – Бијас изгледаше како сигурна приказна за успех.
Но, таа ноќ, славејќи го влезот во НБА, сонот се претвори во кошмар. Повикот за брза помош, паниката, обидите за спас – сè беше залудно. Во 8:51 наутро, беше прогласен за мртов.
Неговата смрт не беше само спортска трагедија, таа беше општествен пресврт.
Одеднаш, стана јасно дека дури и врвните спортисти не се недопирливи. Дека талентот и физичката подготвеност не се штит од погрешни избори.
Случајот на Бијас стана симбол – предупредување за опасностите од дрогата и еден од најсилните моменти што го променија начинот на кој јавноста го гледа спортот.
Неговата мајка, Лониз Бијас, подоцна ја претвори болката во мисија, станувајќи глас против зависностите.
Можеби никогаш нема да дознаеме колку голем ќе беше Лен Бијас. Но, знаеме едно – неговата приказна засекогаш остана запишана како денот кога спортот ја изгуби својата „невиност“.











