Најновите сателитски снимки со висока резолуција објавени денес од „Максар технологии“ (Maxar Technologies) покажуваат значителна штета на иранскиот реакторски комплекс за тешка вода во близина на градот Арак, околу 230 километри југозападно од Техеран, објави „Њујорк пост“.
Снимките од 18 и 19 јуни покажуваат сериозна штета на главната купола на реакторот. Најновата слика јасно покажува голема дупка на врвот од структурата, додека сликата направена еден ден претходно ја покажува куполата недопрена.
Покрај самата купола, оштетени се и други делови од објектот. Најмалку две кули се делумно уништени, додека две блиски структури се речиси целосно уништени. И Израел и Иран денес потврдија дека реакторот во Арак бил цел на нападот.
