недела, ноември 15, 2026
Дома СВЕТ НАЈАВЕНИ НОВИ ПРОТЕСТИ: Франција на нозе, над 100.000 луѓе на улиците –...

НАЈАВЕНИ НОВИ ПРОТЕСТИ: Франција на нозе, над 100.000 луѓе на улиците – контроверзен закон поттикнува дополнително незадоволство

Франција е зафатена од нови масовни протести, предизвикани од високите трошоци за живот, проблемите во образовниот систем и контроверзниот закон што се однесува на полицијата.

1
EPA/MOHAMMED BADRA

Повеќе од 100.000 граѓани вчера излегоа на улиците низ Франција – петта сабота по ред – за да протестираат против порастот на трошоците за живот, лошите услови во училиштата и предлог-законот со кој на полициските службеници би им се обезбедила дополнителна правна заштита при употреба на огнено оружје.

Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите се собрале околу 106.000 луѓе, од кои 24.000 во Париз. Организаторите, сепак, тврдат дека низ целата земја протестирале дури 200.000 граѓани, пренесува „Еуроњуз“.

Меѓу присутните имаше припадници на движењето „Жолти елеци“, средношколци, студенти и претставници на синдикатите од образовниот сектор. Во Париз, демонстрантите се собраа на плоштадот „Република“ (Place de la République), традиционално место за големи јавни собири.

Еден од главните извори на незадоволство е влошувањето на условите во француските образовни институции.

Мариус Меснил, претставник на средношколскиот синдикат Union Syndicale Lycéenne, изјави дека учениците бараат присуство на наставници во училниците, безбедни училишни објекти и можност за продолжување на образованието на универзитетско ниво. Веќе повеќе од еден месец, Франција е потресена од блокади на училишта и протести. Големите демонстрации организирани од синдикатите во четвртокот собраа повеќе од половина милион луѓе – значително повеќе отколку на денешните собири.

Синдикатите најавија нов штрајк за вторник, откако го отфрлија владиниот предлог за зголемување на минималната плата за 0,6 отсто, оценувајќи го како недоволен.

Еден од клучните поттикнувачи за новите протести е предлог-законот со кој на полициските службеници и жандармите би им се обезбедила дополнителна правна заштита при употреба на огнено оружје за време на извршување на службените должности.

Поддржувачите на предлог-законот – меѓу кои е и партијата на Марин Ле Пен – тврдат дека оваа законска регулатива би спречила полициските службеници автоматски да се сметаат за виновни за пречекорување на своите овластувања.

Од друга страна, синдикатите и демонстрантите предупредуваат дека усвојувањето на овој закон би можело дополнително да го отежне процесуирањето на случаите на полициско насилство.

Сабрин Карбаш, портпаролка на студентска организација, го критикуваше предлогот – кој противниците го нарекоа закон за „дозвола за убивање“. Според неа, законот би воспоставил почетна претпоставка дека секој полициски службеник кој употребил огнено оружје постапил во согласност со законот. Гласањето за предлогот се очекува следната недела.

Претставници на студентски организации тврдат дека новиот закон би можел дополнително да ги заштити полициските службеници од одговорност за прекумерна употреба на сила. Карбаш ја обвини полицијата за употреба на палки и солзавец за време на протестите, предупредувајќи дека новите одредби би можеле да придонесат кон неказнивост.

Минатата недела, адвокати кои застапуваат најмалку 18 лица повредени за време на претходните демонстрации најавија тужба против француското Министерство за внатрешни работи, наведувајќи ја како причина наводната полициска бруталност. Тие тврдат дека прекумерната употреба на сила резултирала со сериозни повреди кај демонстрантите, вклучувајќи повреди на рацете, нозете и очите.

Новите протести покажуваат дека незадоволството меѓу француските граѓани и понатаму постои, додека синдикатите веќе подготвуваат нови акции и штрајкови.

ИЗДВОЕНИ