Македонскиот уметник Трајче Чатмов е годинашниот добитник на наградата „Владимир Георгиевски“, за делото „Демир Капија“. Ова признание му беше доделено на изложбата „Средба во пејзажот“, отворена во галеријата „Метаноја“ во Скопје. Уметникот посочи за весникот ВЕЧЕР дека многу му значи оваа награда, пред сè затоа што го носи името на „уметникот што со својот печат ја обележа македонската ликовна сцена“.
– Тој беше сликар што го сфаќаше пејзажот како внатрешно доживување, а не само како мотив. Да бидам ставен во тој контекст е признание, но и обврска. Работата на платно е осамен процес, полн со сомнеж и со враќање на истото место, сè додека сликата не го најде својот баланс. Затоа ова признание го доживувам како потврда дека стигнал тој труд до публиката. Наградата не ја гледам како крај, туку како поттик да продолжам. Им благодарам на жирито, на моето семејство и на сите што веруваа во мојот пат – кажа Чатмов. Тој посочи дека сликата „Демир Капија“ е негов обид да ги долови пределот и тишината на тој дел од Македонија, место каде што карпата и водата одамна водат разговор. Тоа не е портрет на пејзажот, туку впечаток од него: тежината на карпите, црвената река, мирот и динамиката што истовремено се чувствуваат кога стоиш пред тој влез кон југот. Сликата е изработена во 2025 година, во техниката акрил на платно, со одредени делови обработени со пигмент пастел – објасни Чатмов за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, одлуката ја донесе жирито во состав: Синиша Новески, скулптор; Јасминка Намичева, виш кустос советник и Перо Георгиев, архитект.
Во своето обраќање, образложувајќи ја наградата, Намичева посочи дека таа го носи споменот на Георгиевски, уметник во чие творештво сликарството е длабоко поврзано со прашањата за човекот, неговиот немир и со духовните трагања.
– Девизата на Георгиевски „дека природата е негов најголем учител“ е содржана силно во оваа денешна „Средба во пејзажот“ – кажа Намичева во своето обраќање пред присутните, образложувајќи ја одлуката за наградата.
Таа додаде дека токму во таа моќ на сликата да го преобрази видливото во внатрешно доживување било препознаено созвучјето меѓу творештвото на Георгиевски и награденото дело.
– Во ова дело, средбата се случува и пред нас и во нас: меѓу земјата и светлината, меѓу препознатливото место и слободата на сликарската визија. Во тој миг, пејзажот станува лично искуство – средба што ја понесуваме со себе. Пределот добива сопствен пулс и го повикува гледачот да влезе во него. Тежината на материјата се среќава со слободата на потегот, а монументалноста на формите – со светлина што отвора пат низ нив и нуди надеж. А надежта е таа што е неопходна во денешницата за да имаме уште безброј идни средби со пејзажот – додаде Намичева.
Покрај традиционалната награда, скулптура „Златен лист“, секоја година се доделува и парична награда од Здружението за култура „Транзен“. (Д. Т.)












