Леброн Џејмс со години ги руши рекордите во НБА, но една статистика можеби најдобро покажува колку е неверојатна неговата конзистентност. „Кралот“ одиграл дури 1.924 натпревари во регуларниот дел од сезоната и плејофот, а во неверојатни 1.913 од нив постигнал најмалку 10 поени. Тоа значи дека само 11 пати во целата кариера останал на едноцифрен број поени. Во проценти, тоа е неверојатни 99,4 отсто од сите негови натпревари!

Уште поимпресивно е што никој од останатите кошаркарски великани не успеал да му се приближи.

На второто место е Кевин Дурант, кој исто така само 11 пати постигнал помалку од 10 поени, но одиграл значително помалку натпревари. Дурант има најмалку 10 поени во 1.361 од вкупно 1.372 натпревари, односно во 99,2 отсто од случаите.

Мајкл Џордан е трет со 98,9 проценти. Легендарниот Џордан двоцифрен број поени постигнал на 1.238 од 1.251 натпревар. Истиот процент го има и Лука Дончиќ, кој до моментот на статистиката постигнал најмалку 10 поени во 563 од 569 натпревари.

Во елитната група се и Џоел Ембид со 98 отсто, Демиен Лилард со 97,9, Боб Петит со 97,5 и Лери Бирд со 97,4 проценти. Следуваат Џери Вест и Карл Мелоун со по 97,3 проценти.

Леброн, сепак, има нешто што останатите го немаат – огромен број натпревари и повеќе од две децении поминати на највисоко ниво. Токму затоа, неговиот резултат изгледа уште поневеројатно. Во текот на кариерата играше против различни генерации, менуваше клубови и тренери, но практично, секогаш наоѓаше начин да придонесе во нападот.

Џејмс одамна е рекордер по бројот на постигнати поени во историјата на НБА, а оваа статистика е уште еден доказ за неговата долговечност.

Да одиграте речиси 2.000 натпревари во најсилната кошаркарска лига во светот и само 11 пати да не постигнете двоцифрен број поени е навистина неверојатно.

Леброн не мора секогаш да биде најдобар стрелец, но неговата способност редовно да стигнува до двоцифрен број поени е константа која трае повеќе од 20 години.

И токму затоа, оваа статистика најдобро ја објаснува големината на „Кралот“.

 

ИЗДВОЕНИ