По години застој, продолжува финалната фаза од поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со цел до крајот на оваа година мостот да биде ставен во функција.

– За нашиот град, ова поврзување има огромно значење. Нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и до индустриската зона, побрз и побезбеден излез кон обиколницата и растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“. Зад сето ова стои она што им е најважно на граѓаните: помалку време во колони, полесно стигнување до работа и повеќе време со семејството – изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека е надминат застојот поради потребните мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот Скупи.

– Со сериозна работа и со одговорен пристап, дозволата, која ја закочија моите претходници, е обезбедена, заштитата на културното наследство е почитувана, а градежните активности продолжуваат со засилен интензитет – нагласи Ѓорѓиевски.

default

Скопскиот градоначалник информираше дека се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5.350 квадратни метри.

– Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метри, со вкупна површина од 3.815 квадратни метри, кои ќе овозможат безбедно и удобно движење за сите учесници во сообраќајот. Изградени се потпорни ѕидови од двете страни на булеварот, со 2.050 кубни метри бетон, атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столба за поголеми безбедност и прегледност – наведе Ѓорѓиевски.

Освен тоа, тој рече дека паралелно Град Скопје работи и на изградбата на мегапарк на површина од 70.000 квадратни метри во Карпош, со партерно и со хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и со урбана опрема.

– Создаваме нов простор за прошетки, рекреација и за дружење, а продолжуваат и активностите за расчистување на кејот на Вардар. Скопјани заслужуваат уреден кеј и зеленило во кое ќе уживаат сите генерации – изјави Ѓорѓиевски.

– Скопјани заслужуваат модерен и функционален град. Град во кој се стигнува полесно, се живее поубаво и се гледа дека некој се грижи – заклучи Ѓорѓиевски.

Премиерот Христијан Мицкоски дополни дека оваа Влада ја поддржува локалната самоуправа како ниту една влада претходно.

– За околу 27 месеци, директно од централниот буџет финансираме проекти во вредност од приближно половина милијарда евра. Тоа е сериозна поддршка за општините и политика што ја поставивме од самиот почеток, политика со која ги подобруваме условите и квалитетот на живот на граѓаните. Нашата стратегија е јасна: да не создаваме нови проблеми, старите да ги решаваме, а започнатите проекти да ги довршиме. Капиталните проекти што се реализираат во Скопје значително ќе ги подобрат функционирањето на градот и секојдневието на скопјани, но и на сите оние што секојдневно го посетуваат главниот град – нагласи Мицкоски.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ