Шеесет и четиригдишниот П.В., кој е осомничен дека во семејната куќа во Ваљево ја убил својата мајка С.В. (93), сам отишол во полиција и го пријавил злосторството. Новите детали од истрагата откриваат дека тој не бил под дејство на алкохол, ниту пак претходно бил пријавуван за семејно насилство.
Убиството се случило на 12 октомври во Плитвичката улица во Ваљево, а осомничениот, според неофицијални информации, ја нападнал мајката со чекан и нож.
Како што пренесоа српските медиуми, П.В. околу пладне дошол во полициската станица и на дежурните службеници им рекол дека околу девет часот ја убил мајката.
Полициската патрола веднаш е испратена на адресата на семејната куќа, каде што во кујната било пронајдено беживотното тело на старицата во локва крв.
Со чекан ја удрил по главата, а потоа зел нож
Според досегашните информации од истрагата, осомничениот од засега неутврдени причини зел градежен чекан од фиоката на витрината и ѝ задал повеќе удари во главата на мајката.
Откако старицата паднала на подот во кујната, тој дофатил кујнски нож и, како што се сомнева, ја прободел во вратот додека сè уште давала знаци на живот.
Ударот, според наводите на изворот на српски Телеграф, бил толку силен што рачката на ножот се одвоила и останала на инвалидската количка покрај телото, додека сечивото останало во раната.
По убиството, осомничениот ја заклучил семејната куќа и пеш отишол во полициската станица, каде што пријавил што се случило.
Не бил под дејство на алкохол, ниту претходно пријавуван
Откако се предал на полицијата, на П.В. му бил направен алко-тест и било утврдено дека немал алкохол во крвта.
Со проверките, според сознанијата на Телеграф, било утврдено и дека во ова семејство претходно немало пријави за насилство, како и дека осомничениот не бил евидентиран како пациент на психијатриската служба.
Истражителите на местото на настанот констатирале насилна смрт, со повеќекратни скршеници на коските на черепот.
Обвинителството нареди обдукција
Вишото јавно обвинителство во Ваљево нареди обдукција на телото за да се утврдат сите околности на смртта.
П.В. е уапсен поради сомнение дека сторил кривично дело убиство и му е одредено задржување до 48 часа.
По истекот на задржувањето, осомничениот со кривична пријава ќе биде приведен кај надлежниот обвинител на сослушување.












