Песната „Geburt einer Nation“ на словенечката група „Лајбах“ (Laibach) – преработка на хитот „One Vision“ на „Квин“ (Queen) од 1987 година – е вклучена во играта Grand Theft Auto VI како дел од програмата на виртуелната радиостаница „Kaleidoscope FM“, соопштија од бендот.
„Лајбах“ првично ја објавија оваа нумера на албумот Opus Dei, издаден од дискографската куќа „Mute“ пред речиси четири децении. Во нивната верзија, словенечкиот состав пее на германски јазик, вметнувајќи го својот препознатлив, маршевски звук во рок-химната на „Квин“, а играчите сега можат да ја слушнат додека возат низ светот создаден од „Rockstar Games“.
Веста за вклучувањето на песната во GTA VI пристигна истовремено со објавувањето на изданието MUSICK : ENCORE на „Лајбах“. Овој албум, издаден на 20 ноември преку „Mute“, претставува продолжение на албумот MUSICK – проект во кој бендот прифати поп-звук за да истражи теми како што се музичката индустрија, алгоритмите и употребата на вештачка интелигенција.
Новото издание содржи претходно необјавени нумери, нови верзии и ремикси. Меѓу гостите се Сенида, Бојан Цвјетиќанин од бендот „Џокер аут“, Марина Мортенсон и пејачката од Гана, Виџала. Цвјетиќанин и Мортенсон се појавуваат во новата нумера „Faith No More“, која бендот веќе ја вклучи во својот концертен репертоар. Изданието на винил содржи 10 песни, додека верзиите на ЦД и во дигитален формат вклучуваат 14. Германското музичко списание Sonic Seducer забележа дека MUSICK : ENCORE го надминува претходниот албум, додека швајцарскиот медиум ARTNOIR го истакна оддалечувањето од тешкиот индустриски звук кон поп-мелодии.












