Парламентот на Молдавија денес гласаше за прогласување вонредна состојба во енергетскиот сектор откако руските напади врз електроенергетската мрежа на Украина го уништија клучниот далновод што ја поврзува Молдавија со Романија.
Ноќешните напади го уништија високонапонскиот далновод Иса-Вулканешти, кој ја поврзува јужна Молдавија со Романија, по што молдавските власти ги повикаа граѓаните да „користат електрична енергија рационално“ додека се во тек поправките.
Вкупно 72 од 101 пратеници во парламентот ја одобрија мерката, која ќе трае 60 дена, без гласови против и 18 воздржани.
Премиерот Александру Мутеану рече дека „она што се случува во енергетскиот сектор денес не е случајност“.
„Руските напади врз цивилната енергетска инфраструктура во Украина претставуваат воено злосторство, но и напад врз нас, тука во Молдавија. Само Русија е одговорна за ова“, додаде тој.
Вонредната состојба што започнува утре ќе им овозможи на властите да „дејствуваат побрзо: да мобилизираат дополнителни ресурси, да ја заштитат критичната инфраструктура и, доколку е потребно, да преземат дополнителни мерки за ограничување на последиците од кризата“, додаде Мунтеану.
„Остануваме будни и дејствуваме за безбедноста на секој граѓанин. Ова не е мерка на паника, туку мерка на одговорност“, рече премиерот.
Претседателката Маја Санду денес директно ја обвини Москва, велејќи дека „Русија продолжува намерно да ја поткопува безбедноста на Република Молдавија и да ги загрозува животите на нашите граѓани“.
„По бомбардирањето на украинската хидроцентрала, нов брутален напад доведе до исклучување на далноводот Иса-Вулканешти, кој во одредени периоди обезбедува 60-70 проценти од нашата потрошувачка на електрична енергија. Сето ова не е случајност, туку намерна акција на Русија за да ја ослабне и да ја остави Молдавија во темнина“, напиша претседателката на „Фејсбук“.
Министерот за енергетика Дорин Јунгиету рече дека се проценува дека ќе бидат потребни околу пет до седум дена за поправка на оштетениот далновод.
Москва постојано ја напаѓаше цивилната инфраструктура на Украина – брани и речни пристаништа – а влијанието на војната се чувствува низ цела Молдавија.
Десетици илјади граѓани останаа без вода откако рускиот напад врз хидроелектрана во Украина истури нафта во голема река што тече низ двете земји.
Погодената украинска електрана се наоѓа на околу 15 километри низводно од северната граница со Молдавија и снабдува вода за околу 80 проценти од населението.
Во јануари, Молдавија доживеа големи прекини на електричната енергија откако прекин на далноводот од Украина предизвика пад на напонот, пренесува „Бета“.












