Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) по консултациите со македонските власти, предвидува дека шокот од цените на енергенсите, кој произлегува од тековната војна на Блискиот Исток, се очекува да влијае негативно врз растот на македонската економија и повторно да создаде инфлаторни притисоци. Монетарците посочуваат дека реалниот раст на БДП се проектира да забави на 3,1% во 2026 година, а во исто време, повисоките глобални цени на нафтата се очекува да ја зголемат инфлацијата на околу 4,5% во 2026 година, дефицитот на тековната сметка се очекува да се прошири на околу 5% од БДП во 2026 година.
– Продолжен конфликт на Блискиот Исток и повисоки цени на енергијата, заедно со послаб раст во ЕУ, би можеле дополнително да ја забават економската активност, да ја одржат инфлацијата повисока подолг период, да ја ослабат надворешната позиција и да го одложат тековното фискално прилагодување. На домашен план, фискални отстапувања, особено од континуирани ад-хок зголемувања на плати и пензии, како и пречекорувања на трошоците кај големи инфраструктурни проекти, би можеле да ја нарушат фискалната консолидација и да ја намалат довербата на пазарите. Од позитивна страна, посилна имплементација на реформите би можела значително да ги подобри изгледите за раст на Македонија – се нотира во соопштението на ММФ.
Мисијата на ММФ побара од Народна банка да ја затегне монетарната политика заради комбинацијата на енергетскиот шок и сè уште силната домашна побарувачка. ММФ посочува дека Народна банка треба да премине кон аукции со целосна алокација на благајнички записи и да ја зголеми основната каматна стапка.
– Се препорачува постепено приближување на реалните каматни стапки кон неутралното ниво (околу 2%) на среден рок – се потенцира во соопштението од ММФ.
Мисијата на ММФ го оценува финансискиот систем како стабилен. Банкарскиот сектор е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен, а нефункционалните кредити се ниски. Кредитниот раст се забрза во 2025 година, особено во сегментот на недвижности, поддржан од раст на цените на становите. ММФ упатува и на одредени ризици и посочува дека изложеноста кон недвижности бара внимателно следење.
– Макропрудентната политика е соодветно заострена, но доколку притисоците продолжат, ќе бидат потребни дополнителни мерки за зајакнување на капиталните заштитни слоеви. Потребно е целосно усогласување на банкарската регулатива со европското законодавство, како и засилен надзор врз небанкарските институции и крипто-секторот – велат од ММФ.
Мисијата ја оцени 2025 година како солидна за македонската година. ММФ истакнува дека е остварен економски раст од 3,5%, а инфлацијата се намалува. Понатаму, ММФ оценува дека буџетот за 2025 година ја исполни целта за дефицит од 4% од БДП, при што недостигот на даночни приходи беше компензиран со намалување на капиталните расходи и трошоците за стоки и услуги. Јавниот долг, вклучително и гарантираниот од државата, остана околу 60% од БДП.
Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека и покрај историски најголемата нафтена криза, Македонија засега одржува стабилност. Тој денеска изјави дека Македонија е единствена земја во регионот која оваа недела ги намалила цените на горивата. Бензинот поевтинил за 2,5 денари, додека цената на дизелот останала непроменета. Според него, државата во моментов има убедливо најниски цени на горивата во регионот.
– Ако кај нас бензинот е околу 1,33 евра за литар, а дизелот 1,5 евра, во Албанија и Грција тие се над 2 евра, додека во Германија цените достигнуваат и до 3 евра. Граѓаните немаат причина за страв, состојбата е стабилна и во овој момент не гледам потреба од воведување кризни мерки – изјави тој.
Сепак, остави простор за интервенција доколку дојде до нов раст на цените.
– Ако има зголемување, ќе ги продолжиме мерките, вклучително и кризна состојба. На располагање ни се и алатки како акцизите – додаде премиерот.












