Митовски: Немаме долгови, туку нарачки за проекти!

44

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на најновиот квартален извештај на општина Крива Паланка, обвини дека долговите на локалната самоуправа растат, а долгот од 47 милиони денари се ненамирени обврски. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски демантира и вели дека немаат долгови, туку нарачки на проекти од интерес на граѓаните

– Општина Крива Паланка нема долгови, туку нарачки за реализација на проекти или ануитети за исплата на веќе реализирани проекти, од сопствени средства и без задолжување – одговори Митовски.

Тој истакна дека е мачно да се гледа „трагедијата на ВМРО-ДПМНЕ“ додека се обидуваат да фрлат дамка на неговото работење.

– Задолжувањето го оставаме на ВМРО-ДПМНЕ кои за 11 месеци ја задолжија цела Македонија до неверојатни 7 милијарди евра. Проектите што се реализирани во изминатите 3,5 години во рамки на мојот мандат зборуваат сами за тоа колку многу е сработено, во сите области:  за локална патна мрежа вложени се над 5 милиони евра, за водоводи и канализации над 2,5 милиони евра, инвестиции во образовна инфраструктура, спорт, социјална и детска заштита, субвенции и поддршка на млади, капитални проекти, што јасно се гледа и граѓаните и целата јавност можат да ги видат. Сите проекти се реализирани во овој мандат, од сопствени пари, без задолжувања. Апелирам, од ВМРО-ДПМНЕ пред да коментираат, добро да се подготват и да научат како се читаат податоци од буџет – додаде Митовски.

 

ИЗДВОЕНИ