Повеќе од 1.000 полициски службеници рано утринава почнаа големи претреси ширум Германија и во други европски земји, насочени кон меѓународна мрежа за перење пари и членови на моторџиската група „Хелс Енџелс“ (Hells Angels), дознава ДПА.
Полицијата во западниот германски град Дуизбург соопшти дека се очекува реализација на неколку налози за апсење.
Портпаролката на полицијата изјави дека операцијата е насочена кон меѓународна мрежа на перачи на пари, како и кон криминална организација, за која ДПА дознава дека станува збор за „Хелс Енџелс“.
Според информации на агенцијата, се претресуваат вкупно 140 објекти.
Репортер на ДПА утрово беше сведок на голема полициска операција со учество на специјални единици на адресата на влијателен член на „Хелс Енџелс“ во Дуизбург.
Полицијата соопшти дека се спроведуваат бројни претреси во неколку германски сојузни покраини и во други европски земји. Со операцијата раководат обвинителите од Дуизбург.












