четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски со аманет и за идните генерации – нема уставни измени без...

Мицкоски со аманет и за идните генерации – нема уставни измени без гаранции!

974

Власта не попушта ни милиметар, опозицијата писмено се жали во ЕУ и НАТО

Македонскиот идентитет нема повеќе да биде распродаван, а на следните избори, „мекотелните политичари“ ќе заминат во историјата, децидно порача премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги обвинувањата на опозицискиот СДСМ во однос на евроинтегративниот процес. Неговиот добро познат став дека додека е тој на власт, нема да има уставни измени без гаранции и почитување на правата на македонското малцинство, премиерот вчера го прошири и со најава дека тоа ќе им биде пренесено и на генерациите по него во ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозицијата, Венко Филипче, возврати дека ваквиот курс ја турка земјата во изолација и ја блокира европската перспектива. Според него, одложувањето на реформите значи застој во интеграциите и ризик за идните генерации

 

Нема да има уставни измени сè додека не се обезбедат јасни гаранции за македонскиот идентитет и правата на македонската заедница, децидно порача премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги обвинувањата на опозицискиот СДСМ во однос на евроинтегративниот процес. Мицкоски уверува дека македонскиот идентитет веќе нема да биде распродаван, а на следните избори, „мекотелните политичари“ ќе заминат во историјата. Неговиот добро познат став дека додека е тој на власт, нема да има уставни измени без гаранции, премиерот го прошири и со најава дека тоа ќе им биде пренесено и на генерациите по него во ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите изјави на премиерот ја продлабочија политичката конфронтација со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој возврати со остри обвинувања за изолација, блокада на реформите и загрозување на европската иднина на државата, додека Мицкоски уверува дека нема да отстапи „ни милиметар“ од националните позиции.

– Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван, а овие мекотелни политичари, кои се дел од мекото ткиво на македонскиот идентитет, јас сум убеден дека по следните парламентарни избори, ќе заминат во историјата и никогаш повеќе нема да ни се повторат. Начинот на кој СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси, а тоа е исклучиво распродавање на македонскиот национален идентитет, удар врз ткивото, тоа се, би рекол, мекотелни политики. Тие се мекотелни политики, тие се мекото ткиво на македонскиот идентитет и на тој начин ја загрозуваат целата онаа стратегија што ние како Влада ја градиме, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека, за жал, следбенците на „живковизмот“ во Бугарија, како што кажа, денеска слават што имаат вакви политичари во Македонија кои сè уште се активни, како луѓето од опозицискиот СДСМ, кои мислат дека на овој начин ќе привлечат некакво внимание.

–Тие се само обичното меко ткиво на македонскиот идентитет. Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде, и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бива. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај, прво и второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме ниту милиметар. Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на тие што ќе нè следат. Ако и тие не успеат и тие што нив ќе ги следат, рече Мицкоски, кој и пред неколку дена изјави дека ако треба, ќе чекаме децении и дека нема намера додека е претседател на Влада, по која било цена, да влезам во авантура со уставни измени без гаранции.

Опозицискиот лидер, Венко Филипче, пак, на брифинг со новинарите го обвини премиерот дека со ваквиот став го потврдил предавството на македонските национални интереси и дека политиките на власта јасно укажуваат на тоа дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не сака Македонија да биде членка на Европската Унија. Тој додаде дека ваквите политики  значат дека нема да се спроведат потребните реформи.

– Тоа значи дека нема никакви реформи, тоа значи дека нема никаква контрола од Европа и тоа според него ќе трае, ако треба и децении. Ова е потврда за сè тоа што го зборувавме изминатиот период. Тој сака да ги држи како заложници идните генерации, децата, сите граѓани. Зошто? За да, без контрола, преку тендерите, да прават грабеж на народните пари, рече Филипче.

Филипче информираше дека официјално упатува писмо до европските институции и меѓународните партнери поради, како што рече, системското демонтирање на евроатлантската иднина на Македонија и стратешката саботажа на македонската интеграција поради изјавите на премиерот Мицкоски. Тој додаде дека станува збор за сериозен и намерен процес на блокирање на европската перспектива на државата.

Филипче предупреди дека интеграција во ЕУ со македонски јазик и идентитет не е прашање на Бугарија, туку прашање на Европската Унија и ако сега не се направи чекор, ризикуваме да го изгубиме моментот за проширување. Тој додаде дека не е сигурно дали условите во 2027 година ќе бидат исти како сега, и дали тогаш ќе имаме можност да направиме чекор кон Европската унија. Филипче истакна дека национален интерес за државата е членството во НАТО и во ЕУ, а премиерот Мицкоски со неговите политики и изјави врши предавство  токму на овој македонски национален интерес.

– Зошто е предавство на македонскиот национален интерес? Поради тоа што македонски национален интерес е членството во НАТО и ЕУ. Затоа што во НАТО успеавме да ја обезбедиме безбедноста на земјава на нашите граници, рече Филипче на брифингот.

Филипче рече дека македонскиот јазик и идентитет се потврдени, признаени и заштитени, а премиерот Мицкоски упорно ја претставува состојбата на националниот интерес на погрешен начин.

– Како е загрозен националниот интерес. Тоа што станавме земја членка на НАТО е загрозување на националниот интерес или остварување на истиот? Што е тоа сè распродадено според него? Македонскиот јазик и идентитет се потврдени, признаени и заштитени. Јазикот е признат од сите земји членки на Европска Унија. Има  потпишано договор на македонски јазик, договорот ФРОНТЕКС со сите земји членки на Европската Унија, со Европската Унија на чист македонски јазик без додавки и без фусноти. Името? Па бевме бивша Југословенска Република Македонија? Што е загрозено? Како и секогаш, премиерот лаже, рече Филипче, кој ги критикуваше Владата и премиерот Христијан Мицкоски и за економска неспособност и партизирање на правосудството.

Од владејачката партија реагираа дека „единствениот што е во изолација е СДС, на чело со Венко Филипче, а под менторство на Заев“.

– СДС е тотално без концепт, а изјавите на Филипче се како теоретичар на заговори, СДС со небулозните прес-конференции повеќе наликува на странска опозиција, еден ден се опозиција во Србија, следниот во Унгарија итн. нервозни и во паника наместо да дејствуваат како сериозна и одговорна опозиција. Да ги потсетиме Филипче и СДС дека СДС, на чело со Заев, се оние што ветуваа сигурен влез во ЕУ додека ги распродаваа националните интереси и го променија името на државата. СДС потпиша договор за пријателство со Бугарија, а тие ни испорачаа блокада и француски предлог со нови барања. Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван. ВМРО-ДПМНЕ се залага да бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на реформи, економски пораст и подобар живот за сите граѓани, истакнаа преку соопштение од владејачката партија. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ