Како Влада цениме дека покус пат до Европската Унија нема, односно има но тој е полн со предизвици, кои најчесто се понижувачки и поради тоа го избираме потешкиот пат, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој се обрати на Самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“, кој годинава се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“. Тој додаде дека Македонија своето место во Унијата ќе го заслужи со квалитет и испорака
Мицкоски потенцираше дека пократките патишта често со себе носат предизвици кои го загрозуваат достоинството на државата и граѓаните.
-Владата што јас ја предводам има различен пристап споредено со претходната влада. Ние цениме дека пократок пат нема. Односно, има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија -, истакна премиерот.
Тој додаде дека фрустрацијата кај граѓаните од долгиот процес е присутна, но дека поддршката за ЕУ мора да остане константна. Мицкоски порача дека е подготвен да ги издржи критиките во име на идните генерации.
-Достоинството нема цена. И затоа велам нема пократок пат. Ќе трпите и навреди, и критики, и често пати невистини. Најчесто и измислици, но тоа е цената што морате да ја платите и да ја издржите. Бидејќи треба да верувате во тоа што го правите – рече Мицкоски.












