среда, октомври 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЛОШИТЕ РЕЗУЛТАТИ НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ПИСА-ТЕСТИРАЊА ГО МОБИЛИЗИРАА МОН: Основците ќе добијат нови...

ЛОШИТЕ РЕЗУЛТАТИ НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ПИСА-ТЕСТИРАЊА ГО МОБИЛИЗИРАА МОН: Основците ќе добијат нови учебници, а наставниците обука како да ги учат децата

На почетокот на следната учебна 2027/28 година, најголемиот дел од основците ќе имаат нови учебници со подобрен квалитет, при што истовремено ќе ги обучуваме наставниците како да ги учат децата по ПИСА-методологија, објаснува Весна Јаневска, министерката за образование

213

Одлуки за повлекување на постојните и за употреба на нови учебници за учениците во основното и во првите години на средното гимназиско образование, деновиве, донело македонското Министерство за образование и наука. Најголемите промени, според она што го објави МОН, се случуваат во основното образование, за кое вчера беше донесена одлука за повлекување на вкупно 33 учебници кои сè уште ги употребуваат учениците во различни одделенија. Така, за првото, второто и за петтото одделение е донесена одлука да се повлечат по осум учебници од кои сега учат децата, а за шестото одделение се повлекуваат девет учебници. Главно, се работи за учебниците по македонски, албански, турски, српски, босански јазик, математика, природни науки, општество, историја и општество… Тие ќе се употребуваат до крајот на тековната учебна година, а на почетокот на следната учебна година учениците ќе добијат нови наставни помагала.

Во образложението што го наведе МОН, се наведува дека тоа се налага по спроведената анализа на учебниците и резултатите од меѓународните тестирања (PISA).

– Констатирана е потреба од перманентно унапредување на квалитетот, актуелноста и функционалноста на наставните содржини, развој на критичкото и креативното мислење кај учениците, како и распишување нов конкурс за изработка на учебници кои во целост ќе одговараат на современите образовни стандарди. Повлекувањето на учебниците од употреба ќе започне од почетокот на учебната 2027/2028 година – се наведува во објавата на МОН.

Неодамна објавените резултати од меѓународното тестирање ПИСА 2025, на кое учествувале 6.977 ученици, покажаа дека македонските ученици и натаму остануваат значително под просекот на ОЕЦД по математика, читање и природни науки. Посебно е забележан пад на резултатите по математика во споредба со 2022 година, додека резултатите по читање и наука остануваат речиси непроменети. Извештајот, практично, укажал на продолжена стагнација на образовниот систем, при што главен проблем за учениците е читање со разбирање.

Министерката за образование, Весна Јаневска, во изјавата за весникот ВЕЧЕР наведува дека главна цел и задача е подобрување на квалитетот на учебниците, но и на самата настава.

– Основно е што проценивме дека тие учебници можат и треба да бидат подобри и затоа се решивме да ги смениме. Сега ќе биде распишан конкурс за изработка на нови учебници за овие одделенија, за да бидат готови во април. Откако тие ќе бидат подготвени, ќе следуваат нови учебници и за трето, шесто и за деветто одделение, со што, на крајот, учениците ќе имаат нови и соодветни наставни содржини во учебниците – наведува министерката Јаневска.

Таа додава дека промените нема да останат само на тоа.

– Со ПИСА-тестирање се опфатени учениците од прва година средно образование, а се тестираат на материјалот што го учеле во основното образование. Значи, треба да го подобриме квалитетот на основното образование. А таму е проблемот, тоа што учениците не учат со разбирање, што наученото не знаат да го искористат во животот. Затоа, планираме и обука на наставниците како да ги учат децата по методологијата соодветна на ПИСА-тестирање – наведува министерката Весна Јаневска.

Во македонското основно образование, од учебната 2014/15 година почна да се применува наставната програма по „Кембриџ“, а која постепено почна да се заменува со новата национална концепција за основно образование во текот на 2021/2022 година. Програмата „Кембриџ“, иако беше планирана, не се воведе во средното образование, но по завршувањето на основното образование по програмата „Кембриџ“, учениците имаа проблеми на почетокот на средното образование.

МОН неодамна објави дека од официјална употреба се повлечени и десетина учебници кои досега се користеле во првата и во втората година на средното гимназиско образование. Овие ученици, од годинава, веќе имаат на располагање нови учебници, а ќе продолжи замената и на помагалата во трето и во четврто одделение. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ