недела, септември 20, 2026
Дома СВЕТ Мелони најави ограничување на бројот на странски ученици и забрана за бурки...

Мелони најави ограничување на бројот на странски ученици и забрана за бурки во училиштата во Италија

0
Фото: EPA/Manon Cruz / POOL MAXPPP OUT

Италија се подготвува да воведе забрана за покривање на лицето во училиштата и да го ограничи бројот на странски ученици по паралелка, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони на собир на млади, организиран од нејзината десничарска, национално-конзервативна партија „Браќа на Италија“ (*Fratelli d’Italia*).

Поради својата географска положба во централниот дел на Средоземното Море, Италија е една од европските земји што се најмногу изложени на приливот на мигранти. Како резултат на тоа, миграцијата со години претставува важно политичко прашање и значаен предизвик за италијанските влади. Интеграцијата на мигрантите – особено на оние од земји со мнозинско муслиманско население – продолжува да предизвикува контроверзии во италијанската политика и општество. Дебатите за верските симболи, културната интеграција, правилата за стекнување државјанство и имиграциската политика честопати го делат јавното мислење.

„Наскоро на седница на владата ќе биде претставена мерка за законско утврдување на максималниот дозволен број на странски ученици по паралелка. Со неа ќе се бара од родителите на странските ученици, кои се соочуваат со сериозни тешкотии при вклучувањето во училишниот систем, да го научат италијанскиот јазик, а ќе се забрани и носењето бурки и никаби во училиштата“, рече Мелони.

„Ако во паралелката има само едно дете што не го разбира италијанскиот јазик, тоа веројатно ќе успее брзо да го научи јазикот и да се интегрира со помош на соучениците и наставниците. Меѓутоа, ако бројот на деца што не го разбираат јазикот стане голем – или дури и го сочинува мнозинството – тоа веќе не е интеграција, туку занемарување“, додаде таа. Мелони не прецизираше колкав ќе биде максималниот дозволен број на странски ученици по паралелка. Учениците што немаат италијанско државјанство сочинуваат 11,6 отсто од сите ученици во италијанските училишта – или речиси 12 од секои 100 ученици – според податоците на истражувачкиот институт „Fondazione ISMU“.

„Во училишната зграда мора да се доаѓа со непокриено лице и никој во Италија, во име на вистинска или наводна традиција, не може да одлучува дека една млада жена мора да се крие“, рече Мелони, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ