Полицијата во источната германска покраина Саксонија-Анхалт соопшти дека две лица загинале во петокот кога мал авион се урнал на автопатот А2, североисточно од Магдебург.
Поради несреќата, сите ленти во правец кон Хановер – на еден од главните германски автопати што ги поврзува источниот и западниот дел на земјата – се затворени, пренесува „Дојче веле“.
Полицијата во Магдебург изјави дека првичните наоди укажуваат оти во несреќата не учествувале други возила. Авионот се урна приближно во 14:48 часот по локално време, помеѓу градот Бург и одморалиштето „Крехенберге“ (Krähenberge) покрај автопатот.
Леталото се запали, а екипите за итни интервенции ги пронајдоа двете лица во него мртви. Причината за несреќата не беше веднаш позната.
На фотографиите се гледаат пожарникари како ги гаснат остатоците од црвено-бел авион. Опашните делови од леталото лежеа на коловозот, додека јагленисаните остатоци беа пронајдени на насипот покрај патот.
Полицијата и службите за итни интервенции останаа на местото на настанот. Не беше веднаш јасно колку долго ќе трае прекинот на сообраќајот. Автопатот А2 ја поврзува пошироката област на Берлин со Северна Рајна-Вестфалија – најнаселената германска покраина – и претставува важна сообраќајна рута низ Германија.












