Шеесетгодишен маж од селото Равен, Гостиварско, бил пронајден починат на фудбалскиот стадион во селото, а во негова непосредна близина била пронајдена моторна пила.
Случајот во полиција го пријавила неговата 45-годишна сопруга, која вчера во 23:15 часот во ОВР Гостивар известила дека нејзиниот сопруг околу 7 часот заминал на работа во Гостивар, но не се вратил дома и не одговарал на телефонските повици.
По преземените мерки и активности, по полноќ, во 00:20 часот, А.А. бил пронајден починат на фудбалскиот стадион во селото. Во негова непосредна близина била пронајдена моторна пила.
Смртта ја констатирал лекар од Ургентниот центар во Гостивар. На местото бил извршен увид од јавен обвинител, лекар по судска медицина, увидна екипа од ОВР Гостивар и екипа на Територијалната противпожарна единица Гостивар.
За време на службените дејствија, околу 1:50 часот, полициски службеник паднал во отворена и необележана бетонска шахта, длабока околу 1,5 метри.
Полицаецот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Медицинскиот центар во Гостивар.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.












