Резултатите во маратонот би биле уште подобри доколку натпреварувачите трчаа боси или во ултралесни, тенки и рамни чевли, тврди легендарниот тренер Филип Мафетоне, коментирајќи го најновиот светски рекорд.

Мафетоне, познат по својот МАФ метод на тренинг со низок интензитет, уште во 1997 година предвиде дека маратонот ќе се трча под два часа – тврдење кое тогаш беше исмејувано, вклучително и од легендарниот Алберто Салазар.

Денес, по рекордот на Себастијан Саве од 1:59:30 поставен на Лондонски маратон, Мафетоне оди чекор понатаму – смета дека модерните „супер патики“ всушност ја нарушуваат природната биомеханика на стапалото.

Според него, трчањето босо го развива природниот „систем за складирање и враќање на енергија“ во стапалото, што ја подобрува економичноста на движењето и брзината. Како пример често се наведува Абебе Бикила, кој освои олимписко злато трчајќи бос.

Мафетоне тврди дека дебелите ѓонови кај модерните патики го поттикнуваат ударот на пета, што може да доведе до поголем стрес врз зглобовите и потенцијални повреди, наместо подобрување на перформансите.

Сепак, ова мислење не го делат сите. Експерти како Рос Такер сметаат дека токму напредните обувки се еден од клучните фактори за подобрените резултати во последните години, заедно со модерните методи на тренинг и исхрана.

Дополнително, идеалните временски услови на Лондонскиот маратон – температури меѓу 13 и 16 степени и минимален ветер – овозможија дури тројца тркачи да го надминат претходниот рекорд.

Самиот Саве, кој победи со историски резултат, побара почести допинг-тестирања за да ги отстрани сите сомнежи околу своите перформанси.

Сепак, експертите се согласуваат во едно – рекордот би можел брзо да падне. Следната шанса доаѓа на Берлински маратон, познат како најбрза патека во светот, каде веќе се најавува можност за резултат од неверојатни 1:57.

ИЗДВОЕНИ