За овој документарец, Котевска заминала за Сибир, на последната точка на север на планетава на која сè уште има цивилизација. Таму, заедно со кинематографот Жан Дакар, во екстремни услови ја следат изолираната приказна на шаманското племе Долгани, во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби. Во 2023 година, поминале еден месец на Сибир, каде што живееле во шатори направени од еленска кожа заедно со племето, јаделе и ловеле заедно со него…
Четвртиот долгометражен документарец на македонската режисерка Тамара Котевска „Мамутите што избегаа од царството на Елрих хан“ (The Mammoths That Escaped the Kingdom of Erlik Khan), кој е сè уште во подготовка, е меѓу добитниците на Фондот Сендбокс (Sandbox Fund) на институтот „Санденс“ за 2026 година.

Институтот „Санденс“, преку Фондот Сендбокс, поддржува иновативни документарни филмови кои се помеѓу науката и раскажувањето, селектирајќи ограничен број автори на глобално ниво. Во оваа силна конкуренција на автори и проекти, поддршката од престижниот „Санденс“ (Sundance) говори за квалитетот и на овој документарен филм на Котевска, кој е во копродукција помеѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија, а каде што таа се јавува и како режисер и продуцент.

Како што е познато, освен со нашиот „Силјан“, кој имаше светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, лани Котевска во Венеција се претстави и со филмскиот проект „Мамутите“, кој беше селектиран на копродукцискиот маркет во рамки на фестивалот.

За овој документарец Котевска заминала за Сибир, на последната точка на север на планетава на која сè уште има цивилизација. Таму, заедно со кинематографот Жан Дакар, со кој ова им е четвртиот заеднички проект („Патување пеш“, „Силјан“ како и „Човек против јато“), во екстремни услови ја следат изолираната приказна на шаманското племе Долгани, во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби. Во 2023 година, поминале еден месец на Сибир, каде што живееле во шатори направени од еленска кожа заедно со племето, јаделе и ловеле заедно со него. Филмот раскажува за млад одгледувач на ирваси од јакутската тундра, кој се соочува со избор помеѓу традиционалниот начин на живот и современите ловци на мамутски заби. „Мамутите…“, всушност, ја истражува комплексната врска помеѓу традицијата и современите економски предизвици.

Инаку, идејата за овој филм потекнува од многу поодамна. Впрочем, Котевска и кинематограферот Дакар, кои се запознале на сириско-турската граница додека го снимале „Патување пеш“ (The Walk), откриле дека ја делат истата љубов кон Сибир и бескрајните снежни предели на северната точка на планетата. Заедно се препознале во сензибилитетот на правење филмови и набрзо решиле да се впуштат во авантурата да направат филм на Сибир. Три години се обидувале да го направат овој филм. По долг и речиси невозможен процес на барање на каков било контакт за да дојдат до племето Долгани, упорноста на Котевска ја носи до човек оженет за жена од племето, кој им овозможува контакт со заедницата во Сибир. Но започнува војната во Русија и тие повторно не можеле да заминат, за да, конечно, во 2023 година, да успеат да го направат своето прво патување и да се вратат со материјал кој веднаш ги позиционирал меѓу најпрестижните проекти селектирани на неколку светски фестивали и фондови за развој.

И во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР, режисерката Котевска го потврди ова и истакна дека идејата за овој документарец е инспирирана од соработката со снимателот Жан Дакар, кој го делел истиот сон со неа да го види далечниот Сибир.

– Двајцата сме инспирирани од фотографиите во статиите што сме ги читале во „Национална географија“. Тргнавме сами да го продуцираме филмот, исто како и „Силјан“. Откако почна војната, не успеавме три години да најдеме финансии, па затоа и, всушност, му се посветивме на „Силјан“. Со филмот сè е многу непредвидливо, но од дистанција се гледа дека сè се случувало во вистинско време. Прво требало да се случи „Силјан“. И драго ми е за тоа. Авантурата со Сибир ќе продолжи, а до каде ќе стигне – ќе видиме…, истакна Котевска на почетокот на годинава.
Според извршната директорка на Сендбокс филмс (Sandbox Films), Џесика Хароп, авторите поддржани преку овој фонд „создаваат исклучителни дела на пресекот помеѓу уметноста и науката“, нагласувајќи ја зголемената потреба за вакви приказни во независниот филм.
Покрај Котевска, меѓу поддржаните автори на Фондот Сендбокс на Институтот Санденс за 2026 година е и македонскиот режисер Љубомир Стефанов со филмскиот проект „What You Remember“, што дополнително го потврдува силното присуство на македонските автори на меѓународната документарна сцена. Режисерското дуо Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беа двојно номинирани за Оскар за документарниот филм „Медена земја“ во 2020 година.
Годинава, од институтот „Санденс“ беа поддржани 16 проекти и 47 филмаџии од 11 земји. (Н. И. Т.)












