четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ СРЕДАТ ЛИ СЛАБОСТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО СО НОВАТА СТРАТЕГИЈА?: Петките во...

ЌЕ СЕ СРЕДАТ ЛИ СЛАБОСТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО СО НОВАТА СТРАТЕГИЈА?: Петките во основно стануваат двојки на меѓународни тестирања

Податоците покажуваат дека и 76 проценти од основците што имале одличен и многу добар успех во деветто одделение, постигнувале слаби резултати на интернационалните тестирања по математика, природни науки, читање со разбирање... Се предлагаат воведување една година задолжително предучилишно образование, целосно редизајнирана државна матура со нови испитни програми и стандардизирано оценување и централно место за дуалното образование, кое ги вклучува компаниите во наставниот процес

252

На крајот од основното образование во земјава, учениците имаат многу петки, кои потоа не се потврдуваат со знаење и добри оценки на меѓународни натпревари, каде што резултатите се речиси на ниво на двојка. Ваков предупредувачки факт е наведен во денеска објавената стратегија за образованието 2026 – 2032 година од страна на Министерството за образование, во која, покрај другото, се наведени мерки за подобрување на неповолната состојба во бројни области.

– Од податоците за постигнатиот успех на учениците од деветто одделение на крајот од учебната 2021/2022 година, може да се забележи дека најголем дел од учениците од истата генерација, 76 отсто, постигнале одличен и многу добар успех – 53,5 отсто одличен, а 22,5 проценти многу добар. Изразено помал е бројот на ученици со слаби и добри резултати: 6,1 отсто доволен и 17,8 проценти добар. Разликите во постигнувањето на учениците во училиштето и на меѓународните тестирања отвораат повеќе прашања за причините за слабите резултати на меѓународните тестирања на учениците со одличен и многу добар успех – се наведува во стратегијата.

Деветстотини часа помалку настава од просекот во земјите на ОЕЦД

Како примери за лошите оценки што потоа ги добиваат одличните и многу добрите ученици на меѓународните натпревари се наведуваат периодичните тестирања. Така, на тестирањата PIRLS за ученички компетенции за читање со разбирање, учениците на крајот од четврто одделение имале резултат од 442 поени. Тоа е значително помалку од максимумот од 500 поени и средното меѓународно ниво од 475 поени. Ниско постигнување имало и на натпреварите по математика и природни науки. Во 2023 година, по математика резултатот на учениците во Македонија бил 474, додека меѓународниот просечен резултат е 503, а во природните науки резултатот бил 439 наспроти меѓународниот просечен резултат кој е 494. И меѓународната студија PISA 2022 потврдува слаби резултати, особено во областa на читањето (359 поени), што е значајно под меѓународниот просек од 476 поени.

– Овој резултат одговара на ниско ниво на постигнување на учениците – се предупредува во стратегијата.

Учениците до крајот на основното образование имаат 900 часа помалку настава од просекот за учениците во земјите на ОЕЦД. Училиштата што држат настава во две смени немаат просторни услови за зголемување на училишниот ден, но во некои училишта просторните услови се ограничени и поради големиот број паралелки со мал број ученици. Просечниот број ученици на наставник во третина од општините е меѓу 5 и 10, само 12 општини (15 %) го исполнуваат законскиот услов од минимум 20 ученици во паралелка, додека повеќето општини се со просечна големина на паралелките од 6 до 15 ученици.

Воведување една година задолжително предучилишно воспитание    

Инаку, клучните новини вклучуваат воведување една година задолжително предучилишно образование, целосно редизајнирана државна матура со нови испитни програми и стандардизирано оценување, како и значајни измени во високото образование, меѓу кои централизиран дигитален систем за упис и воведување кратки стручни студии.

– Постои потреба од воведување една година задолжително предучилишно воспитание и образование за сите деца во годината пред тргнување на училиште. Оваа мерка би обезбедила универзален пристап до структурирана, квалитетна и стандардизирана програма што ќе ја гарантира подготвеноста на секое дете за започнување на основното образование. Според податоците добиени од мерењата, дури 70 проценти од децата на возраст од 3 до 6  години се проценети како неподготвени за тргнување на училиште, што укажува на сериозна развојна и образовна нееднаквост уште на најрана возраст – се предлага во документот.

Што се однесува до основното образование, се предвидува премин кон едносменска настава, што бара сериозни системски промени како реконструкција и проширување на училишните објекти, подобрување на енергетската ефикасност, создавање пристапни и инклузивни училишта и редизајн на дневната динамика на училиштата. Се предвидуваат и интеграција на вештачката интелигенција, зелени компетенции и претприемачки вештини. За средното образование се наведува дека новиот закон ќе донесе јасни стандарди за квалитет.

– Централно место има дуалното образование, кое ги вклучува компаниите во наставниот процес, нуди практично учење и ги подготвува учениците директно за пазарот на трудот. Во сите средни училишта ќе се формираат тимови за кариерно советување, кои ќе ги насочуваат учениците при изборот на образовниот профил, факултет или професија. Врз основа на концепцијата донесена во 2025 година, се предвидуваат нови наставни и испитни програми за државната матура и државната уметничка матура. Ќе се воспостават стандардизирани критериуми за оценување за да се обезбедат транспарентност и фер вреднување, особено за државната матура – наведуваат авторите.

Значајна новина е воведувањето кратки студии од една до две години, кои ќе бидат мост меѓу средното образование и пазарот на трудот или додипломските студии, како и следење на дипломираните. Се предвидува и воведување систем за редовно следење на патот на студентите по завршувањето на студиите за да се измери нивното вработување. (Б. Ѓ.)

 

Секој петти ученик отсуствува од училиште најмалку еднаш неделно

Наведено е и тоа дека учениците во Македонија имаат една од највисоките стапки на изостаноци во регионот.

– Секој четврти, односно околу 24 проценти од учениците изостануваат најмалку еднаш неделно, што е двојно повеќе од меѓународниот просек. Пониското чувство на припадност на училиштето, заморот и недоволната физичка добросостојба се меѓу најсилните фактори за изостанување. Големиот процент отсуствување од редовната настава значајно влијае на нивните постигнувања – наведуваат од МОН.

 

ИЗДВОЕНИ