Актуелниот светски шампион, Макс Верстапен, е свесен дека полека ја губи титулата во Формула 1, па поради тоа посочи дека Ред бул треба значително да поработи на себе ако планира да го загрози сè подоминантниот Мекларен во остатокот од сезоната. Верстапен призна дека „треба да се спојат многу работи“ за да се влезе во сериозна борба за титулата.

На Големата награда на Канада, Верстапен ја намали разликата во однос на лидерот во генералниот пласман, Оскар Пјастри, на 43 бода. Таа разлика можеше да биде многу помала да не беше инцидентот во Шпанија, кога доби Верстапен казна од 10 секунди поради судирот со Џорџ Расел.

Холанѓанецот ја брка својата петта последователна светска титула оваа година. Доколку успее, тој ќе му се придружи на Михаел Шумахер, кој ја освои титулата петпати по ред, помеѓу 2000 и 2004 година. По трката во Монтреал, Верстапен, незадоволен од второто место, категорично рече дека Ред бул мора да работи на перформансите.

  • Да бидеме искрени, треба да се спојат многу работи за да успееме во ова. Треба да победуваме почесто. Како да го постигнеме тоа? Ако сме поконкурентни. Ова беше добар викенд, но повторно не сме доволно брзи. Како што реков, понекогаш имаме светли моменти, но генерално, мора да го направиме нашиот болид побрз. Потоа сè станува полесно. Работиме многу напорно како тим – истакна Холанѓанецот.

Тој зборуваше и за надградбите што доаѓаат од фабриката на австрискиот тим.

  • Секако, доаѓаат нови работи, но дали ќе биде доволно тоа? Не знам за тоа. Сите мали нијанси одлучуваат за секоја трка. Од она што го видов досега, Мекларен одлично ја врши работата оваа сезона. Многу е тешко да се победи. На сите им се случува лош викенд, но тој, сепак, убедливо е фаворит. Нема да биде лесно да се постигне, но ќе се обидеме да го подобриме нашиот болид за претстојните трки – заклучи Макс.

Канада беше и првата трка оваа сезона на која ниту еден возач на Мекларен не заврши на подиумот. Оскар Пјастри ја загуби својата позиција од Кими Антонели на стартот и на крајот заврши четврти. Неговиот тимски колега, Ландо Норис, не ја заврши трката откако се судри со Пјастри во 67. круг и мораше да се откаже.

ИЗДВОЕНИ