Граѓаните утревечер ќе можат да уживаат во вечер исполнета со музика, народни носии и дружење, во рамките на настанот „7/8 Центарски такт“, посветен на македонската народна песна и фолклорната традиција.
Настанот, кој е во организација на Општина Центар, ќе се одржи на улицата „Боемска 1“, а програмата ќе започне во 18:00 часот со дефиле на КУД „Орце Николов“. Во рамките на настанот ќе биде поставена и изложба на народни носии. Официјалниот почеток и музичката програма се закажани за 20:00 часот, со настапи на ВИС „Интрада“, Блага Петреска, Наум Петрески и Тули.
– Македонската песна има посебно место во секој наш дом. Со неа сме растеле, сме се радувале и сме ги одбележувале најважните моменти во животот. Со овој настан, сакаме да ја споделиме таа љубов и со помладите генерации, затоа што традицијата се чува кога ја живееме и ја пренесуваме – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој ги покани граѓаните да се придружат на „Боемска“ и да уживаат во богатството на македонската музика и фолклор.
Со „7/8 Центарски такт“, Општина Центар продолжува да поддржува настани што го негуваат културното наследство и ја доближуваат македонската традиција до сите генерации.












