Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека заедно со амбасадорот на Франција, Кристоф ле Риголер, директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, и директорот на Фондацијата „Скопје ЕПК 2028“, Марјан Цветковски, го означиле почетокот на едно значајно стратешко партнерство. Потпишан е Меморандум за соработка меѓу Фондацијата и Францускиот институт, под високото покровителство на Град Скопје.
– Со ова партнерство отвораме врати за заеднички уметнички продукции, размена на уметници и експерти и развој на културните и креативните индустрии. Создаваме простор нашите творци да се поврзат со европската културна сцена, а скопјани да добијат нови, квалитетни и достапни културни содржини – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека посебно ќе се посвети внимание на соработката со Бурж, со кој во 2028 година, Градот Скопје ја споделува титулата европска престолнина на културата, како и на можноста за реализација на „Француска сезона во Скопје 2028“.
–Градиме мостови меѓу нашите градови, нашите уметници и нашите култури, со амбиција тие врски да траат и долго по 2028 година. За мене, успехот на Скопје 2028 ќе се мери и со можностите што ќе ги создадеме за младите, со поддршката за нашите уметници и со културата што ќе стигне до секој граѓанин. Сакам оваа титула да остави трајна вредност во животот на нашиот град – нагласи Ѓорѓиевски.












