Отворена изложба во МКЦ, по проект на проф. Кирил Пенушлиски
– Во Младинскиот културен центар, во друштво на бројни љубители на уметноста, уживав во оригиналниот сликарски дијалог меѓу историјата и сегашноста, насловен „Старите мајстори и македонската модерна“, концепт и избор на проф. Кирил Пенушлиски, остварувајќи го сонот што му го раскажал татко му – напиша на својот фејсбук-профил македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод посетата на Галеријата на МКЦ во Скопје, каде што вчеравечер беше отворена истоимената изложба, која е истражувачки проект на професорот Кирил Пенушлиски.

Изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“, на чие отворање присуствуваше дел од ликовната и културна јавност од нашата земја, претставува длабинско истражување на комплексниот однос меѓу европското уметничко наследство и развојот на модерната уметност во државата. Проектот на Пенушлиски го анализира влијанието што го имало творештвото на старите европски мајстори врз македонските модерни уметници, не само како извор на техничко знаење туку и како поттик за критичко преиспитување, интерпретација и создавање нови визуелни јазици.
Споделувајќи ги своите впечатоци, претседателката Сиљановска-Давкова додава на својот „Фејсбук“ дека во делата на Личеноски, Лазески, Корубин, Коџоман, Манев, Чемерски, Пенушлиски, Аврамовски, Аризанов и на други македонски сликарски великани ја препознала не само инспирацијата од големите европски сликарски имиња и авторитети туку и посветеното и плодно проучување и учење од нивните дела, што резултира со лична уметничка интерпретација на исти или слични субјекти, објекти и настани во различен амбиент и време.

– Гледајќи ги прекрасните слики, сфатив дека сликарството не е само огледало и сведоштво туку и непресушна, безвремена и бесценета школа за идните уметници, континуирана и недовршена приказна што тече. Очигледно е дека духовното наследство се помни, сака и негува, одговорно се пренесува од уметник на уметник, достоинствено опстојува и се прифаќа од новите генерации, кои, пак, вредно, страсно и со почит најпрво му се восхитувале, потем се надахнувале од него, па филигрански го проучувале и на крајот, го оживувале на свој, нов и поинаков начин од оној на учителот – пишува претседателката, додавајќи дека си заминала задоволна од настанот, со убедување дека само уметноста може да го спаси светот од небиднината.

Инаку, во поставката се поместени внимателно селектирани дела на некои од најзначајните македонски уметници, меѓу кои Личеноски, Лазески, Корубин, Чемерски и Пенушлиски. Нивните дела сведочат за динамичниот однос меѓу традицијата и модерноста, прикажувајќи како преку копирање, изучување и творечка трансформација на класичните модели се создаваат автентични изрази што стануваат темел на македонската модерна. Поставката отвора и пошироки прашања за улогата на културното наследство како жив, активен и релевантен фактор во современото уметничко творештво, позиционирајќи ја македонската модерна уметност во поширок европски контекст.

Изложбата, која е поддржана од Министерството за култура, ќе може да се посети до 20 мај.












