четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите...

Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК

0
Фото:фб, Влада

Република Македонија денеска беше избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за мандатниот период 2027–2029 година. На гласањето што се одржа во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, кандидатурата на земјава доби поддршка од 174 држави членки – соопшти попладнево Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

За првпат од осамостојувањето сме избрани во едно од водечките тела на Обединетите нации (ОН). Огромен успех за државата и македонската дипломатија. Избрани сме со 174 гласа. Во Обединетите нации во Њујорк, нашата држава беше избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на ОН – ЕКОСОК, за периодот 2027–2029 година, информираше на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.

По повод изборот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека ова е уште една потврда за кредибилитетот и активната улога на државата во мултилатералната дипломатија.

„Ова е успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба и на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но носи конкретни резултати. Ова е дипломатски успех кој не се мери само со изборот, туку и со довербата што стои зад него“, истакна Муцунски.

Тој посочи дека изборот во ЕКОСОК претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на присуството на државата во мултилатералните процеси, по членството во Советот за човекови права на Обединетите нации и Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.

Членството во ЕКОСОК ќе овозможи поактивно учество на државата во глобалните дебати и процеси поврзани со економскиот и социјалниот развој, одржливиот развој, хуманитарните прашања и човековите права, како и дополнително зајакнување на нејзината меѓународна видливост и кредибилитет.

Економскиот и социјалниот совет е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и има централна улога во координацијата на економските, социјалните и развојните политики во рамките на системот на ОН.

 

ИЗДВОЕНИ