сабота, јуни 20, 2026
Дома СВЕТ Маѓар ја обвини „Фидес“ дека го празни државниот буџет на крајот од...

Маѓар ја обвини „Фидес“ дека го празни државниот буџет на крајот од нејзиниот мандат

56
EPA/Tibor Illyes HUNGARY OUT

Идниот премиер на Унгарија објави дека дошол во посед на владина одлука според која „Фидес“ ќе ја „ограби“ државната каса за последен пат и драстично ќе го зголеми буџетскиот дефицит со своите најнови мерки.

Петер Маѓар ги предупреди раководителите на министерствата да не преземаат никакви нови обврски, во спротивно нивната одговорност нема да биде само политичка, пишуваат унгарските медиуми, а објавува и Nova.rs.

Маѓар претстави, како што тврди, загрижувачка краткорочна слика: Фидес, која веќе е „со една нога на пат“, сака да ја остави земјата во огромен долг, нагло зголемувајќи го буџетскиот дефицит и исцрпувајќи ја државната каса во последната недела пред предавањето на власта.

Осврнувајќи се на владината одлука што ја донесе, тој изјави дека владата на Виктор Орбан во заминување планира целосно празнење на буџетот.

Според него, целта повеќе не е само да се исплатат веќе договорените, но неплатени средства, туку и да се преземат нови обврски во што е можно поголем износ.

Контролата врз преземањето обврски и набавките е практично укината, што овозможи неконтролирано трошење пари.

„Исто така, дознавме дека, според најновите пресметки на владата на Орбан, дури и без дополнително трошење пари, буџетскиот дефицит за оваа година би можел да се искачи на 6,8% од БДП. Ова значително ја надминува официјалната цел од 3,9%, но и подоцнежната зголемена владина проценка од 5%. Тие лажеа и лажат наутро, напладне и навечер…“ рече Маѓар.

Маѓар најави дека идната влада веднаш ќе го врати одговорното управување со јавните финансии, ќе го запре трошењето пари на даночните обврзници и ќе застане на патот на, како што изјави, кражбата и неефикасното трошење.

Тој нагласи дека сите трошоци и договори во министерствата, буџетските институции и државните претпријатија, особено во областа на инвестициите и набавките, ќе бидат веднаш разгледани.

„Како одговорен домаќин, ќе се стремиме да обезбедиме парите на даночните обврзници да не служат за збогатување на неколкумина, туку за благосостојбата на сите унгарски граѓани. Ги повикувам раководителите на министерствата да не преземаат никакви нови обврски до формирањето на нова влада и да плаќаат само она што е неопходно за редовно функционирање. Во спротивно, тие не само што ќе сносат политичка одговорност. Можат да леат крокодилски солзи и да се преправаат дека се каат, но нема прошка за оние што ги ограбуваат граѓаните на Унгарија“, рече  Маѓар.

ИЗДВОЕНИ