Вознемирувачки вирален тренд поврзан со ликот „Мачорот со шапка“ предизвика загриженост во училиштата во САД, по објавувањето заканувачки пораки, затворањето на едно училиште и апсењето на десет малолетници.
Загрижувачки тренд на социјалните мрежи, поврзан со ликот „Мачорот со шапка“ (Cat in the Hat), стигна до училиштата во Калифорнија, а полицијата истражува објави во кои се спомнуваат конкретни образовни установи и ученици.
Полициската управа на Болдвин Парк во саботата соопшти дека ги разгледува загрижувачките објави поврзани со овој вирален тренд и предупреди дека секоја потенцијална закана ќе биде сериозно истражена.
„Активно ги разгледуваме овие објави и ќе истражиме каква било потенцијална закана или криминална активност. Ниту една закана упатена кон нашите училишта, ученици, вработени или заедницата нема да се третира како несолена шега или како игра“, соопшти полицијата.
Овој тренд се заснова на содржина генерирана со вештачка интелигенција, во која се појавува лик облечен како „Мачорот со шапка“ (Cat in the Hat) – познатиот лик од истоимената книга на Д-р Сус од 1957 година.
Иако хаосот во оригиналната детска книга завршува со уништена куќа, верзијата што се шири на TikTok добива многу помрачен тек. Таа црпи инспирација од филмот од 2003 година со Мајк Мајерс во главната улога, а видеата прикажуваат како „Мачорот“ се појавува на темни улици и наводно упатува закани кон одредени училишта или локални заедници.
Трендот предизвика сериозна загриженост во врска со безбедноста на учениците, а во некои случаи доведе и до апсење на малолетници вклучени во неговото ширење.
Дополнителна паника предизвика инцидент во Канада, каде што, претходно оваа недела, лице облечено како ликот „Мачорот со шапка“ (Cat in the Hat) наводно бркало тинејџерка низ една населба.
На 24 август, околу 21 часот по локално време, девојката се движела во близина на улицата „Шамрок Драјв“ во Вест Келоуна, Британска Колумбија, кога била бркана од лице што личело на познатиот лик од детските приказни, соопшти Кралската канадска коњаничка полиција.
Тинејџерката успеала безбедно да стигне дома.
Овој опасен тренд се прошири низ неколку американски сојузни држави, од Џорџија до Вирџинија, и – според извештаите на американските медиуми – досега доведе до апсење на десет малолетници.
Локалните полициски служби почнаа да издаваат предупредувања до јавноста. Канцеларијата на шерифот во округот Хановер, Вирџинија, презеде мерки по објавите во кои конкретно се спомнуваше средното училиште „Механиксвил“.
Сличен инцидент беше забележан во Кентаки, каде што средното училиште „Асампшн“ беше привремено затворено кон крајот на август поради едно видео.
Полицијата во Луисвил подоцна утврди дека заканата не е веродостојна, но повтори дека ја задржува политиката на нулта толеранција во однос на потенцијалните закани кон училиштата.
Надлежните предупредуваат дека објавите замислени како шега или дел од вирален интернет-тренд можат да доведат до сериозни последици доколку содржат закани упатени кон ученици, вработени или училишта.












