Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денес испрати извештај до земјите-членки, во кој наведува дека го повторила својот апел до Иран итно да ја информира Агенцијата за моменталната состојба во врска со збогатениот ураниум што го поседува Техеран, имајќи предвид дека помина речиси една година откако САД ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки.
МААЕ во извештајот, исто така, наведува дека го повикува Иран да ѝ дозволи на Агенцијата да продолжи со инспекциите во целост.
„Генералниот директор на МААЕ му рече на Иран дека е неопходно и итно ефикасно да се спроведе Договорот за заштитни мерки од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и дека Иран не може под никакви околности да го суспендира неговото спроведување“, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на доверлив извештај до кој имал пристап.
Кон средината на мај, „Ал Џезира“ објави, повикувајќи се на неименуван извор, дека Иран е подготвен да го намали нивото на високо збогатен ураниум под меѓународен надзор, односно да го разреди на пониски нивоа, но одбива да го изнесе од земјата.
Според извори, Вашингтон бара Иран да ги предаде своите залихи од ураниум збогатен до 60 проценти, што Техеран го отфрла, пренесува „Танјуг“.












