четврток, август 6, 2026
Дома СВЕТ Литванскиот министер за одбрана предупреди на можен руски напад под лажно знаме...

Литванскиот министер за одбрана предупреди на можен руски напад под лажно знаме во Балтикот

82
EPA/OLIVIER HOSLET

Литванскиот министер за одбрана, Робертас Каунас предупреди дека Русија можеби подготвува можни провокации од типот „лажно знаме“ против членките на НАТО во балтичкиот регион.

Изразот „лажно знаме“ се однесува на напад или инцидент што подоцна ќе му биде припишан на некој друг, а не на вистинскиот извршител.

Каунас изјави дека нема конкретни информации за тајмингот на евентуални руски активности, но истакна дека литванските власти внимателно ја следат ситуацијата и разменуваат разузнавачки податоци со Полска и со другите сојузници од НАТО.

„Го проценуваме и го следиме нивото на закана“, рече Каунас, како што пренесе литванскиот јавен сервис LRT.

Новинската агенција BNS известува дека едно од сценаријата што наводно ги разгледува Москва вклучува напад врз критичната инфраструктура во балтичкиот регион со употреба на запленети украински беспилотни летала, со цел вината да се префрли врз Украина. Литванскиот информативен портал „15min“ претходно предупреди на можноста за такво сценарио.

Според литванскиот министер, во таков случај, Русија би можела да искористи запленето или реконструирано беспилотно летало, дизајнирано да изгледа како да е со украинско потекло, за да ја тестира решеноста на НАТО да продолжи да ѝ помага на Украина.

Тој нагласи дека ризикот од конвенционален воен напад врз Литванија останува низок.

Изјавите на Каунас уследија по повеќемесечните предупредувања од високи функционери во Полска, Латвија и Литванија во врска со ризикот од можна ескалација на руските активности во регионот.

Во последните месеци, Литванија во повеќе наврати издаваше предупредувања поради навлегување на беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор.

ИЗДВОЕНИ