Лица со попреченост се вклучуваат во работата на јавното претпријатие „Комуналец“ во Неготино, информираат од претпријатието.
– Со нашите вработени ќе ги вклучиме и нашите сограѓани, лицата со интелектуална попреченост од Центарот за лица со ментален хендикеп „Порака“ од Неготино, во заедничката акција за почиста и еколошки освестена Општина. Веќе е познато дека ЈП „Комуналец“ секојдневно, во рамки на своите овластувања и работни задачи се грижи за чистотата, хигиената, зеленилото и за сè друго за кое има овластување и обврска. Оваа акција е осмислена со нашите пријатели и сограѓани со интелектуална попреченост, сограѓани кои долго време пред да бидат згрижени и прифатени во огромното семејство на „Порака“ – Неготино, биле длабоко на маргините на нашето општество – соопштија од претпријатието.
Оттаму изразија задоволство за вклучувањето на лицата со попреченост во заедничката акција.
– Акција, во која ние даваме нова и несекојдневна можност, лицата со интелектуална попреченост да бидат вреден чинител во собирањето на отпадот од пластика, чистењето на јавни површини и заедно да дадеме придонес за да ја подигнеме свеста за чиста и здрава околина, што е обврска на сите нас. Ако нашето мото е чесна и транспарентна грижа за околината, убедени сме дека со нашите пријатели од „Порака“ – Неготино, преку нивен работен ангажман, ќе ја ставиме нашата Општина на некои од првите неколку места на врвот, за чиста и освестена околина – истакнаа од ЈП „Комуналец“.
Оттаму ги повикаа сите граѓани, институции, бизнис-субјекти, да им дадат поддршка на овие лица и самите да се вклучат во активности што ќе значат подобар живот за сите.