Возачот на Ферари, Шарл Леклер, доживеа вистинска драма на трката за Голема награда на Мајами, каде од сигурен подиум падна на осмото место. Возачот од Монако започна одлично и уште во раната фаза од трката покажа дека има темпо за највисок пласман. Во еден момент дури и го презеде водството, оставајќи впечаток дека може да се бори за победа.

Сепак, ситуацијата се искомплицира по излегувањето на безбедносното возило, кога редоследот на патеката се промени. По рестартот, Леклер се најде на третата позиција, зад Ландо Норис и Андреа Кими Антонели.

И покрај тоа, тој ја контролираше трката и делуваше сигурно на позицијата што води кон подиум. Во завршницата, притисокот се зголеми, особено од страна на Оскар Пјастри.

Леклер се обиде тактички да ја задржи предноста, но токму тогаш ја направи клучната грешка. Во последниот круг, при агресивен обид да ја задржи позицијата, излета и го оштети својот болид. Иако успеа да продолжи, темпото значително му опадна.

Тоа веднаш го искористија ривалите, па беше престигнат од Џорџ Расел и Макс Верстапен. Првично ја мина целта како шести, но проблемите тука не завршија.

Стјуардите дополнително го санкционираа со 20 секунди казна поради кратење на кривина. Тоа го спушти дури на осмата позиција, зад својот тимски колега Луис Хамилтон.

Од борба за подиум, Леклер остана без значајни бодови во генералниот пласман. По трката, тој не бараше изговори и ја презеде целосната одговорност.

  • Многу сум разочаран од мојата грешка. Не требаше да се случи, изјави тој.

Објасни дека сакал тактички да го пропушти Пјастри за подоцна да возврати, но планот не успеал.

  • Мислев дека тоа е добра идеја, но беше погрешна одлука, додаде Леклер.

Тој истакна дека целиот викенд бил силен, но една грешка ја уништила целата работа.

  • Четири круга бев многу добар, а потоа сè пропадна, призна возачот на Ферари.

Овој резултат претставува тежок удар за тимот, кој имаше шанса за значајни бодови. Во шампионат каде секој бод е важен, ваквите грешки можат скапо да чинат. Ферари сега ќе мора брзо да се опорави и да извлече поуки од драмата во Мајами.

ИЗДВОЕНИ