Екипата на Куманово продолжува да создава сериозен состав за новата сезона, а најново засилување е македонскиот репрезентативец Бојан Крстевски. Искусниот крилен центар пристигнува во тимот предводен од Марин Докузовски по седум години поминати во МЗТ Скопје, каде што беше еден од лидерите.
Со „металците“, тој освои практично сè што можеше да се освои на домашната сцена, а сега реши да прифати нов предизвик и да го засили амбициозниот состав на Куманово.
Клубот во изминатиот период работи на создавање конкурентен тим, а покрај странските засилувања, акцентот е ставен и на ангажманот на квалитетни македонски кошаркари.
Крстевски ја почна својата професионална кариера во Работнички, а потоа настапуваше и за Центар, Вардар, Торус, Кавала и за Кожув.
Се очекува неговото искуство и неговиот квалитет да бидат значаен адут за Куманово, кој со неговиот ангажман испраќа јасна порака дека има големи амбиции во новата сезона.











