Американската војска проверува дали во наредните четири месеци може да обезбеди персонал и логистичка поддршка за потенцијална воена акција на Куба, се наведува во интерен документ на американската војска до кој дојде СиБиЕс Њуз (CBS News).
Според дописот, резервните сили на американската војска ја испитуваат можноста за обезбедување единици на воена полиција, медицински персонал и други единици за поддршка за Јужната команда на САД во претстојниот период.
Иако Куба во самиот документ не се споменува, неколку американски официјални лица изјавија за „CBS News“, под услов да останат анонимни, дека барањето се однесува на продолжување на военото планирање поврзано со Куба.
Документот, кој беше подготвен минатата недела, предвидува, меѓу другото, можност за формирање баталјон за поддршка на борбени операции, инженерски баталјон, медицинска бригада и бригада на воена полиција.
Во документот се наведува дека таквите единици „би можеле да бидат потребни во рок од 90 до 120 дена“.
Сепак, засега нема индикации дека која било од тие единици добила наредба за распоредување. Исто така, не е познато колку војници евентуално би биле ангажирани, каде би можеле да бидат распоредени, ниту пак која конкретна операција би ја поддржале.
Резервните сили на американската војска не одговорија на барањето на „CBS News“ за коментар.
Портпаролот на Јужната команда на САД изјави дека, поради оперативна безбедност, не објавуваат ниту коментираат детали за движењето на американските сили, можните рокови за распоредување или планирањето на идните операции.
Информациите за военото планирање доаѓаат во момент на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Хавана.
Американските сили претходно оваа година спроведуваа извидувачки активности на морското дно и на поморските правци во близина на Куба, според наводите на неколку американски воени официјални лица кои ги цитираше „CBS News“.
Одвоено од тоа, американското воено воздухопловство претходно беше ставено во состојба на висока подготвеност, со подготовка на персоналот за можно распоредување. Тие планови, сепак, не беа реализирани.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп истовремено го засили економскиот притисок врз Куба и воведе санкции против одделни кубански субјекти и официјални лица.
Меѓу санкционираните субјекти се наоѓаат и компании поврзани со воено истражување и развој, како и со индустријата за никел.
Трамп за време на обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк изјави дека неговата администрација бара „фундаментални промени“ во Куба. Тој исто така предвиде пад на кубанската комунистичка власт и порача дека „слободата доаѓа во Куба“.
Кубанската делегација ја напушти салата за време на неговиот говор.
Трамп во таа прилика рече и дека американскиот државен секретар Марко Рубио преговара со Хавана.
Хавана предупредува на одговор
Трамп во последните месеци во повеќе наврати зборуваше за Куба, додека кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел порача дека неговата земја ќе одговори на евентуален американски напад.
Дијаз-Канел го обвини Вашингтон за „агресија“ и „економска војна“, особено поради мерките што и го отежнуваат на Куба пристапот до увоз на нафта.
Трамп претходно оваа година, зборувајќи во Овалната соба, изјави дека верува оти би можел да ја има „честа да ја преземе Куба“, а подоцна порача и: „Куба ќе биде следната“.
Најновиот интерен документ, сепак, не потврдува дека е донесена одлука за воена интервенција. Засега укажува на планирање на можните капацитети и проверка на достапноста на единиците кои, доколку биде потребно, би можеле да бидат ангажирани во областа на одговорност на Јужната команда на САД.












