Две лица, меѓу кои и еден полицаец, се убиени во две одвоени престрелки што се случија во текот на ноќта меѓу понеделник и вторник, 12 и 13 октомври, во Брисел. Полицаецот бил погоден во главата за време на потера по украден автомобил, додека второто лице било убиено во друг дел од белгиската престолнина.
Белгиското обвинителство ги потврди двата инцидента, но истражителите сè уште не утврдиле дали постои поврзаност меѓу нив, пренесува Index.hr повикувајќи се на белгиските медиуми.
Полицаецот е убиен во бриселската општина Жет (Jette), додека се обидувал да го запре автомобил претходно украден во вооружен ограбување на возило. Според информациите од белгискиот весник HLN, станува збор за 41-годишен полицаец кој за време на потерата бил погоден во главата. Автомобилот претходно бил одземен во градот Тибиз, во белгиската покраина Валонски Брабант.
Убиениот полицаец бил припадник на специјалната полициска единица за интервенции во опасни ситуации. Според извори блиски до истрагата, осомничениот за време на потерата отворил оган врз полицијата. Во украдениот автомобил наводно се пронајдени три парчиња оружје, додека белгискиот весник La Capitale објави дека е уапсен еден осомничен.
Истата ноќ се случи уште една смртоносна престрелка, овој пат во бриселската општина Иксел. Во тој инцидент е убиен маж чиј идентитет сè уште не е соопштен. Обвинителството ја потврди неговата смрт, но не објави детали за околностите на престрелката.
На местото на настанот излегле истражители и истражен судија. Сè уште не е познато дали овие две убиства се поврзани.
Во општина Иксел се наоѓаат и дел од институциите на Европската унија, вклучително и зградите на Европскиот парламент, но засега нема информации што би укажувале на поврзаност на престрелката со таа институција.
На смртта на полицаецот реагираше градоначалникот на Брисел, Филип Клоз, кој во текот на ноќта го посети местото на престрелката и изрази сочувство до семејството, пријателите и колегите на убиениот полицаец.
🚨🇧🇪 FLASH | Nordine, un policier de 41 ans membre de la Brigade anti-agression, a été TUÉ PAR BALLE à Jette, en Belgique, lors de l’interception d’un véhicule volé.
Une autre personne a été tuée lors d’une fusillade à Ixelles au cours de la même nuit. Aucun lien n’est établi entre les deux drames à ce stade. (7sur7)
— Cerfia (@CerfiaFR) October 13, 2026
„Полициската работа е тешка. Тоа го знаеме, но некои луѓе не се секогаш свесни за ризиците на кои овие мажи и жени секојдневно се изложуваат за да ги заштитат другите“, порача Клоз.
Тој додаде дека полицајците ја извршуваат својата работа со голема одговорност, понекогаш ризикувајќи ги сопствените животи.
Белгиското обвинителство најави прес-конференција за денеска, кога треба да бидат соопштени повеќе детали за двата случаја.












