По актуализирањето на ризикот токсичната депонија со шествалентен хром во Јегуновце да го загади изворот за вода Рашче, Владата на Република Македонија одлучи да преземе мерки за спречување на загадувањето.
Од „Екосвест“ информираат дека во моментов постои донатор што може преку грант да го финансира првиот чекор: санирање на пречистителната станица и подготвителни активности за расчистување на депонијата со шествалентен хром. Но, додаваат дека за да се отвори можноста за финансии, потребно е министерот за животна средина и просторно планирање да ја достави потребната документација.
Бидејќи рокот е краток, „Екосвест“ бара министерот за животна средина итно да ги достави потребните документи за да не се испушти можноста за финансирање на овој проект.
– Ова е прв чекор кон трајно решавање на проблемот. Доколку не се почитува рокот, нема да има финансиска помош, а со тоа останува ризикот од понатамошно загадување – нагласуваат од „Екосвест“.












