Националната падел лига на Македонија – Сенатор 2026 продолжи овој викенд со второто коло, кое се одржа во Гевгелија, на спортските терени на хотелот „Коконат“. Националната падел лига на Македонија – Сенатор 2026 е првата официјална падел лига во државата, организирана од Падел федерацијата на Македонија, која е официјално призната национална федерација за падел спорт во државата, членка на Светската падел федерација (FIP) и на Европската падел асоцијација (FEPA).
Вљубениците во паделот, спорт што сè повеќе добива на популарност и во нашата земја, имаа можност да проследат интересни натпревари, исполнети со спортски дух, натпреварувачка енергија и со борба за што подобар пласман.

Да споменеме дека падел тенисот е спорт со рекет, кој ги комбинира елементите на тенисот и на сквошот. Најчесто се игра во парови, двајца против двајца. Теренот има димензии од 20 метри во должина и 10 метри во ширина, со мрежа на средината и со стаклени ѕидови и метална ограда околу него. Се користи цврст рекет без жици, со мали отвори. Топчето е слично на тениското, но има малку понизок притисок. Сервисот се изведува одоздола откако ќе отскокне топчето од подлогата. Откако ќе ја допре подлогата на теренот, топчето може да се одбие од стаклениот ѕид и да продолжи играта. Се користи систем на бодување сличен на тенискиот: 15, 30, 40 и гем.
Првото национално првенство во падел се одржа на 15 и 16 август 2026 година, во спортскиот центар „ММ Спорт“ во Куманово. Први државни шампиони во машки парови се Ѓорѓи Јанкуловски и Теодор Делјановски.
Првата Национална падел лига на Македонија – Сенатор 2026 се организира во четири кола. Првото коло беше во Скопје, на 26 и 27 септември, а по Гевгелија, третото коло ќе биде во Куманово, додека четвртото, последно коло ќе се одигра во Скопје, на 7 и 8 ноември.
Спортските терени на хотелот „Коконат“ и овој пат беа место за средба на играчите и на љубителите на овој динамичен спорт, кој комбинира техника, брзина, стратегија и тимска игра.
Гледачите проследија низа возбудливи дуели за на крајот да бидат прогласени и најдобрите во второто коло на Националната падел лига на Македонија – Сенатор 2026. Во машка конкуренција, првото место го освоија Дејан Бугариќ и Елвин Хусеиновиќ, додека во женска конкуренција победник беше двојката Ерина Попова – Симона Ангелова.
Со одржувањето на второто коло во Гевгелија, градот уште еднаш се позиционира како место што создава услови за развој на спортот и за организирање настани што ги поврзуваат спортистите и спортските ентузијасти од различни делови на земјата.
Дополнително, овој спортски настан беше можност за промоција на активниот начин на живот и поттикнување на граѓаните, особено на младите, да се вклучат во спортски активности.
Паделот, како динамичен и атрактивен спорт, нуди одлична комбинација на рекреација, тимска соработка и натпреварувачки предизвик.
(Љ. А.)












