Во Основниот кривичен суд продолжи судењето за бизнисменот Ристо Крмзов и останатите раководители и сметководители на фирми поврзани со неговото работење. Крмзов беше донесен од затворот во Шутка во инвалидска количка поради влошено здравје. Тој денеска пред судијата Илија Трпков даде воведен збор на кој кажа дека целото обвинение е конструкција тој да се уништи како бизнисмен, а неговиот имот да се распрачи и раздели на лица кои ги знае.
”Оваа постапка на ОЈО е конструкција и сценарио, а вистината се оттурнува настрана. Обвинителството ме дискредитира и ми го наруши угледот што сум го градел со години. Овок процес е обид за економско уништување, со цел да ми го преземат бизнисот, а ги знам кој се, почна обвинетиот Крмзов и рече дека ќе докаже оти целата работа е конструкција.
“Фирмите не се фиктивни и не се без реална активноста туку вршат реален бизнис. Данокот на добивка е платен, осум милиони, исплатив и плати на вработени осум милиони евра, кредити, позајмици сите обврски. Овие фирми ги исполнуваат обврските кон банките, тие се кредитоспособни, како и кон доверителите за позајмиците. Деловната позврзаност на фирмите е нормална во пазарна економија, вели обвинетиот струмички бизнисмен кој обвинува дека му е повредено начелото на слободна работа на пазарот.
“Фирмите не се создадени за фиктивни работи, една од нив има текстил, друга има изградено станови, трета е сопственик на градежни парцели за трговски центар и магацини. Имотот е во земјава и нема поврзаност со странски субјекти, се брани Крмзов.
“Штетата што ми ја направија е голема, имот завршува кај други лица, а за тоа обвинителството ќе ја сноси штетата, го разграбуваат имотот по нереални цени, ОЈО е директен соучесник во штетата. Нема целосно вештачење, истото е врз основа на несоодветна документација, не се земени предвид нашите поднесоци. Си ваделе тоа што им одговарало, по нови записници од УЈП од каде излегува дека има двојно оданочување – што е апсурд, вели обвинетиот во воведниот збор и побара од судот внимателно да ги гледа доказите на одбраната.
Судењето продолжува со докази на обвинителството од заплената од 2024, на обемната документација на фиктивните фирми и фактурите со кои се манипулирало со ДДВ-то. (П. А.)












