Костадинов: Некој намерно ја труе Струмица!

72

Вчеравечер во 20:15 часот од страна на противпожарната единица на општина Струмица, било пријавено до инспекторката за животна средина дека во близина на мостот на новиот булевар „Братство Единство“, по пријава на граѓанин, е интервенирано со гаснење на запален отпад од кој се ширел огромен црн чад со специфичен мирис.

Како што информира градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на самото место не било затекнато присутно лице, за да може инспекциската служба да покрене постапка. Од страна на екипата на противпожарната единица пожарот бил локализиран и било спречено тој да се прошири.

Според Костадинов по објавувањето на победа над аерозагадувањето во општина Струмица со спроведување на успешни мерки за заштита на животната средина, некој намерно се труди да предизвика нови проблеми.

– Не сакам да верувам дека станува збор за намерно предизвикување на пожари и потпалување на опасни материи исполнувајќи опасни агенди, но можам да ветам дека вакви работи нема да останат неказнети. Струмица е наш дом, нема да дозволиме никој да ни го сквернави. Некој свесно ја труе Струмица. Инспекторите, пожарникарите и екипи на ЈП „Комуналец“ сме на терен и даваме се од нас за да ја победиме оваа војна со несовесните. Пријавувајте го секој оној што ќе го видите како гори, потпалува, свесно сака да ни ја крои судбината – апелираше Костадинов.

 

ИЗДВОЕНИ