По повод 80 години од основањето, Црвениот крст денеска додели јубилејни признанија и плакети на своите партнери, донатори и соработници кои со својата поддршка и посветеност значително придонеле во реализирањето на хуманитарните активности и проекти што ги спроведува оваа организација.
Како што информираат од Црвениот крст, доделени се 26 јубилејни признанија и плакети на комори, на корпоративниот сектор, на невладини организации и на здруженија на граѓани, како и на поединци кои дале свој придонес во остварување на хуманитарните активности на Црвениот крст. Меѓу другото, плакета ѝ беше доделена и на Американската амбасада во Македонија. Плакетите ги врачи генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, кој изрази благодарност за нивната неизмерната поддршка и соработка.
-Признанијата се знак на благодарност за долгогодишната соработка и напорите кои овие институции и поединци ги вложиле за подобрување на животот на ранливите и маргинализираните групи во општеството. Овој настан има за цел не само наградување на долгогодишната соработка, туку и поттикнување во активностите на Црвениот крст да се вклучат нови партнери и соработници, кои продолжуваат да играат клучна улога во обезбедувањето хуманитарна помош за најпотребните – велат од оваа хуманитарна организација.
Притоа, додаваат дека ќе продолжат да го прошируваат своето влијание и соработката со сите заинтересирани страни, со цел да обезбеди поддршка за оние кои најмногу се потребни.
(А.П.)