Случувањата на север под лупа, внатрешно прашање или регионален предизвик?!
| Косово се наоѓа на крстопат – земјата мора да избере помеѓу политички компромис и повторливи изборни циклуси кои ризикуваат да ја блокираат институционалната функционалност. Движењето Самоопределување на Албин Курти има парламентарно мнозинство, но за избор на претседател е неопходна поддршка и од опозицијата. Опозицијата, пак, сè уште не покажа единствена стратегија за обединување и преземање иницијатива. Политичкиот аналитичар, Мухамет Хајрулаху, во изјава за весникот ВЕЧЕР, предупредува дека решението не треба да се бара во нови избори, туку во дијалог и договор меѓу партиите. Тој истакнува дека граѓаните бараат напредок и развој, а не нова година блокада и политички застој. Поврзаноста на овој регион ја рефлектира состојбата и кај соседите, што ја прави оваа криза не само внатрешно прашање туку и поширок регионален предизвик |
Косово повторно се наоѓа на политичка пресвртница, со отворени дилеми дали ќе преовлада институционалниот компромис или земјата ќе влезе во нов изборен циклус. Одлуката на Уставниот суд на Косово околу указот на претседателката Вјоса Османи за распуштање на Собранието привремено го стопира процесот, но не ја намалува политичката неизвесност.
Целиот регион е поврзан како крвни садови и случувањата кај еден од соседите, помалку или повеќе, се рефлектираат кај другите — што ја прави оваа криза не само внатрешно прашање туку и поширок регионален предизвик.
И додека формално-правната разврска сè уште се очекува, во политичката реалност веќе се наѕираат две спротивставени сценарија – постигнување компромис за избор на претседател или нови предвремени парламентарни избори. Некои аналитичари предупредуваат дека Косово ризикува да влезе во повторлив циклус на институционални блокади, во услови кога партиите не успеваат да изградат одржлив консензус.
Во ваков контекст, клучна улога има владејачкиот блок предводен од Албин Курти, но и опозицијата, која сè уште не демонстрира јасна стратегија за обединување и преземање на политичката иницијатива. Прашањето што се наметнува е дали евентуалните избори би донеле суштинска промена во односот на силите или само би ја репродуцирале постојната политичка пат-позиција.
Решението е договор, а не избори
Политичкиот аналитичар во Косово и главен уредник на косовскиот портал „Телеграфи“, Мухамет Хајрулаху, во изјава за весникот ВЕЧЕР, посочува дека и покрај тензиите, решението не мора да се бара во нови избори, туку во политички договор меѓу партиите – став кој отвора поширока дебата за капацитетот на косовската политичка сцена да излезе од кризата без дополнително продлабочување на нестабилноста.

– Во реалноста, по последните случувања од страна на Уставниот суд на Косово, очекувањата се дека Косово не треба да оди на нови парламентарни избори, бидејќи земјата е уморна од изборите што ги имаше во 2025 година. Затоа, сега во Косово е потребен политички компромис и договор меѓу партиите во косовскиот парламент. Главната улога за ова ја има движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти. Сега, во текот на оваа и следната недела ќе се види дали партиите се подготвени за политички компромис. Доколку во рок од еден месец, односно најдоцна до крајот на април, не се избере нов претседател, Косово автоматски ќе оди на вонредни избори и тие мора да се одржат во законскиот рок од 45 дена, вели Хајрулаху.
Тој, во изјава за весникот ВЕЧЕР, го анализира и распоредот на силите во владејачкиот блок на премиерот Албин Курти, евентуални знаци на внатрешни поделби или слабеење на поддршката, но и состојбата во опозицијата околу тоа кои партии се позиционираат како главни предизвикувачи.
– Албин Курти и ЛВВ имаат мнозинство во парламентот со партнери од помалите албански политички партии и малцинствата во Косово, но не и со Српската листа. За избор на претседател е потребно двотретинско мнозинство, па затоа е неопходна барем една политичка партија од опозицијата – Демократската партија на Косово или Демократскиот сојуз на Косово. Опозициските партии досега не успеаја да постигнат обединување за да го предизвикаат Албин Курти на власт и немаа заеднички позиции, што често ја ослабуваше нивната позиција. Дали во иднина може да дојде до обединување, останува да се види, вели косовскиот уредник и политички аналитичар.
Во однос на тоа дека, во моментов, нема консензус меѓу политичките партии за избор на претседател и очекувањата дали евентуални избори ќе го променат распоредот на силите во Парламентот, доволно за да се постигне едногласие, Хајрулаху уверува дека на Косово му треба напредок, а не нови избори.
– Мнозинството граѓани, општеството во целина, бараат решенија и компромиси, а не нови избори за претседател. За Косово, 2025 година беше блокирана, без поголем развој, со политичка и економска стагнација, па затоа не му е потребна уште една година блокада. На Косово му е потребен развој и напредок со големи проекти во различни области, а не повторно одење на избори. Новите избори можеби ќе донесат одредени промени, но на крајот, повторно ќе нè доведат во ситуација каде што никој нема доволно бројки за избор на претседател и Косово повторно ќе биде политички блокирано, па затоа се очекува политички консензус, вели Хајрулаху.
Тој е уверен дека иднината на актуелната претседателка на Косово, Вјоса Османи, секако, ќе биде враќање во секојдневниот домашен политички живот.
– Таа го има изјавено ова во неколку наврати. Прашање е дали ќе се врати во Демократскиот сојуз на Косово, каде што беше во минатото, или ќе има нова политичка иницијатива/сила во Косово, вели Мухамет Хајрулаху во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Искуство со институционални блокади
Политичката криза во Косово се продлабочи поради неуспехот на политичките партии да обезбедат доволно парламентарно мнозинство за избор на нов претседател, што е уставна обврска за функционирање на институциите. Претседателот во Косово се избира во Собранието со двотретинско мнозинство, што го прави процесот директно зависен од меѓупартиски договор.
Во услови на ваков застој, претседателката Вјоса Османи донесе указ за распуштање на Собранието, што отвори правна и политичка дебата околу уставноста на таквиот потег. Процесот дополнително се усложни откако Уставниот суд на Косово воведе привремена мерка, со која до крајот на овој месец се суспендираат ефектите од указот, оставајќи го политичкиот систем во неизвесност.
Косово веќе има искуство со институционални блокади. Во текот на минатата година се соочи со период на политичка стагнација, со ограничена функционалност на парламентот и забавени реформски процеси. Ова дополнително го зголемува притисокот врз политичките актери да најдат решение без повторно влегување во изборен циклус.
Владејачкиот блок предводен од Албин Курти и неговото движење Самоопределување има парламентарно мнозинство, но не и доволно гласови за избор на претседател без поддршка од опозицијата. Од друга страна, опозициските партии – вклучително Демократска партија на Косово, Демократски сојуз на Косово и Алијанса за иднината на Косово – сè уште не успеваат да изградат заедничка стратегија.
Паралелно, безбедносната и политичката ситуација во северниот дел на земјата останува чувствителна, особено по настаните во Бањска, што дополнително ја комплицира вкупната политичка стабилност и ја зголемува улогата на надворешните фактори. Во вакви околности, Косово се соочува со избор меѓу политички компромис и нови избори – одлука што ќе има директни последици не само за внатрешната стабилност туку и за регионалните односи и европската перспектива на земјата.
(В. С. Н.)












