Вечерва (13 јули) во 20 часот, неговиот концерт насловен како „Јулска нотна магија“, пред белградската публика ќе го најави директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Коста Давчевски (14 г.) е млад гитарист од Земун кој се издвојува како еден од најперспективните таленти на својата генерација. Основното музичко образование го завршил во музичкото училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун во класата на професорот Милан Димитријевиќ, каде од 2025 година го продолжува образованието во средното музичко училиште, насока класична гитара. Во исто време учи и музичка продукција.
Првите чекори на гитара ги започнал преку приватни часови кај професорот Драган Димитријевиќ, уште на 6-годишна возраст. Во текот на своето образование, постигнал значителен успех на бројни домашни и меѓународни натпревари, каде што освоил бројни први награди и лауреатски признанија. Настапувал на престижни фестивали како што се Guitar Art Fest во Белград, Vojvodina Guitar Fest во Нови Сад, Naissus Guitar Fest во Ниш и Danubia Talents International Music Competition во Будимпешта, International Guitar Competition во Бугарија, како и на многу меѓународни и светски онлајн натпревари.
Покрај своите натпреварувачки успеси, Давчевски развива и активна концертна активност. На тринаесетгодишна возраст, веќе го одржува својот прв солистички концерт, по што настапува во Србија и регионот, вклучувајќи концерти во Народниот музеј на Србија во Белград, Скопје, Охрид, Ќустендил и Заечар. Неговите настапи често се дел од културни и уметнички настани, а посебно место во неговата музичка активност се учества на бројни хуманитарни концерти.
Со својот музички сензибилитет, самоуверен сценски настап и посветеност на инструментот, Коста Давчевски, уште во раните фази од својот уметнички развој, покажува потенцијал за значајна концертна кариера.












