Продолжен викенд, Скопје онакво какво што го паметам од детството, мирен е градот, врволиците се на Богородица, Табановце и во помалите градови каде што заминаа најголемиот дел од денешните жители на Скопје.
Замижувам и како да го слушам ехото од минатото, ехото на градот кој некогаш беше симбол на спокој и дружба. Се живееше во еден поинаков ритам, се договараа состаноци без мобилни, секогаш секој од нас знаеше каде ќе го најде другиот, пред „Ванила“, кај Маџо, пред „Камел“. Градот мирисаше на липи во пролет, на печени костени во зима, утрата мирисаа на свеж леб и свежо мелено кафе. Кафеаните во Старата чаршија ечеа од џагорот на луѓето кои се смееја, шегуваа, дружеа. Тоа беше град на солидарноста, каде што вратите не се заклучуваа, а комшилакот беше втора фамилија.
Некогаш, Скопје имаше свој непишан кодекс на однесување во јавниот простор, почит кон приватноста на другиот и систем на вредности кој не дозволуваше сељачизмот да ја прегази културата на живеење.
Денес, многумина чувствуваат дека Скопје стана место каде што агресивниот провинцијализам (не како потекло туку како ментален склоп) ја потиснува урбаната култура. Тоа не е само прашање на бројност на населението, туку на менталитетот кој се донесе со брзата урбанизација. Секојдневно сме сведоци на некултурата во сообраќајот, на уништување на зеленилото, на фрлање ѓубре каде што ќе се стигне, оставање отпадоци, празни пластични чаши од кафе на клупа на која се седело, на гласна музика со која се нема почит кон соседите и на едно примитивно поведение „јас сум центар на светот“. Градскиот дух, кој се карактеризираше со емпатија и ненаметливост, денес честопати е потиснат од некоја чудна форма на ароганција и простотилак која се појавува кога луѓето не знаат како да се снајдат во градскиот простор, па се обидуваат да го „освојат“ со сила.
Ако некогаш младината ја препознававме по книгите под мишка, по свирките на гитара на кеј или по доцните ноќни разговори додека седат на некоја клупа, денес сликата е радикално поинаква. Младите се тука, меѓу нас, но честопати се невидливи длабоко нурнати во екраните на своите мобилни телефони.
Денешното Скопје е град на контрасти, град во кој се судираат желбата за нормално урбано живеење и алчноста на урбаната мафија и корумпираните политиканти. Сведоци сме на неговото нагло ширење и обезличување, на високите згради што се нижат една до друга, на сообраќајниот метеж што го замени мирниот чекор на корзото. Денес, Скопје е погласен, побрз и постресен град.
Технологијата и модерното темпо на живот го променија начинот на кој се поврзуваме. Сега се договараме преку пораки, се гледаме преку екрани и честопати ги поминуваме деновите во брзање, заборавајќи да го погледнеме Водно или да се поздравиме со соседот во лифт.
Кога еден град расте пребрзо, без план и без културен притисок за одржување на стандардите, неизбежно е да се појави вакуум.
Некултурата што ја гледаме не е само и исклучиво проблем и резултат на поединци туку резултат на децениско запоставување на јавниот простор и образованието. Кога градот не ве третира со почит (нема чисти улици, градските служби лошо функционираат, нема организиран и современ јавен превоз, нема ред), ниту граѓанинот не чувствува потреба да го почитува градот.
Скопје денес е ранет град. Ранет од некултурата, невоспитаноста, примитивизмот, од негрижата и отуѓеноста.
Можеби минатото не беше совршено, но имаше душа која не се мереше во „лајкови“. Денес, додека шетам низ улиците каде што некогаш се слушаше смеа, а сега доминира тишината на оние што зјапаат во телефоните, се прашувам што оставаме зад себе, дали сме генерација која ќе се памети по виртуелната заложба без реален придонес кон градот или ќе се разбудиме и ќе се обидеме да му ја вратиме душата на градот. Изборот е наш, додека градот сè уште нè трпи.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












